Zehra Ulucak
29 Јули 2018•Ажурирај: 30 Јули 2018
ЏАКАРТА (АА) - Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтер што го погоди индонезискиот остров Ломбок се зголеми на 14 лица, а над 160 лица се повредени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на новинската агенција „Кјодо“ (Kyodo), индонезиските власти соопштија дека во земјотресот чиј епицентар бил на 50 километри североисточно од градот Матарам, на островот Ломбок, животот го загубиле 14 лица, додека 160 се повредени.
Портпаролот на индонезиската Дирекција за намалување на ризиците од катастрофи, Сутопо Пурво Нугрохо, информираше дека поголемиот дел од смртните случаи и повреди се случиле како резултат на срушените објекти во земјотресот.
Нугрохо истакна дека по земјотресот се евакуирани 6.237 семејства, и дека за време на земјотресот 826 локални и странски планинари се искачувале на вулканот Ринџани, кој се наоѓа на островот Ломбок.
„Најмалку 115 планинари се евакуирани на безбеден начин. Продолжуваат операциите за евакуирање на останатите планинари“, додаде Нугрохо.
Се вели дека привремено е забрането искачување на Ринџани поради сериозните лизгања на земјиштето на овој вулкан, и дека меѓу загинатите се наоѓа и едно лице од групата планинари која била составена од 18 лица со потекло од Малезија.
Постои загриженост од зголемување на бројот на жртвите. Центарот за геолошки истражувања на САД (USGS) соопшти дека земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтер се случил на длабочина од 7,5 километри.
Како резултат на земјотресот, оштетени се голем број куќи на овој остров, кој е оддалечен околу 40 километри од индонезискиот туристички остров Бали.
По овој земјотрес се случиле и над 60 последователни земјотреси, од кои најголемиот земјотрес бил со јачина од 5,7 степени според Рихтер.