ПАРИЗ (АА) – Кандидатите за претстојните претседателски избори во Франција во своите предизборни кампањи во прв план ги промовираат ветувањата за економијата, јавува Anadolu Agency (AA)
Едно од најважните ветувања на кандидатот на Социјалистичката Партија, поранешниот министер за образование, Беноа Хамон, кое беше промовирано на вчерашната програма каде што беше избран за кандидат за претстојните избори кои ќе се одржат во април и мај, е плата за сите, за вработените и за невработените.
Иако со овие негови ветувања ги стави во незавидна позиција неговите конкуренти, по што доби критики дека неговиот предлог не е реален, ова не беше пречка за неговата победа на прелиминарните избори во партијата.
Според ветувањето на Хамон, од 2018 година секој што наполнил 18 години, ќе добива месечна плата во износ од 600 евра. Поранешниот министер планира овој износ постепено да го зголемува, и до 2022 година да достигне до 750 евра.
Меѓу ветувањата на Хамон е и давањето право на глас на странските државјани во државата на локалните избори. Во однос на ветувањата на планот на надворешната политика, тој вети признавање на палестинската држава.
Според програмата на Хамон, за која се тврди дека има еколошки пристап, со цел заштита на околината до 2025 година, ќе се забрани употребата на дизел горивото, а нуклеарната енергија во производството на електрична енергија ќе се намали на 50%.
Од друга страна, Хамон стана цел на екстремните десничари, поради предлозите во врска со муслиманите за време на неговата кампања.
Откако тие наместо Беноа, го нарекоа Билал, тој изјави: „Ќе бидам горд да се викам Билал. Исто би бил горд и да се викам Ели, или Давид“.

- Макрон ќе ги укине намалувањето на минималната плата -
Во програмата на поранешниот министер за економија, кој е претседателски кандидат преку новото движење "En Marche" (Марш), кое го формираше Емануел Макрон, стои дека ќе ги укине кратењата од платите на вработените за здравство и фондот за невработени. Со ова, Макрон тврди дека двајца партнери кои месецот го поминуваат со минимална плата, ќе можат да заштедат најмалку 500 евра.
Макрон смета дека треба да се промени регулативата за 35-часовно неделно работно време за работниците од сите возрасти. Според системот којшто тој планира да го спроведе, младите би работеле повеќе од 35 часа, додека пак неделното работно време за постарите лица не би поминало 30 – 32 часа.
Во однос на пензискиот систем, Макрон има за цел пензионирање во зависност од професијата на различни возрасти. Според неговите ветувања, пензионирањето би се одвивало меѓу 60 и 67 годишна возраст, во зависност од исцрпувачкиот степен на професијата.
Во делот за државна безбедност, Макрон ветува вработување на 10.000 полицајци во рок од првите три години, доколку биде избран за претседател. Тој планира влијателно да се бори против тероризмот, а за таа цел планира да ја засили разузнавачката служба во чувствителните региони од државата.
Макрон исто така планира да им додели еднократни ваучери во вредност од 500 евра на младите кои ќе наполнат 18 години, а коишто ќе можат да ги користат за пристап до културни содржини.
- Филон сака да го ограничи влезот за бегалците -
Претседателскиот кандидат на централно-десничарската Републиканска Партија, Франсоа Филон, за да го намали бројот на невработени има за цел да ги отстрани социјалните кратења за фирмите, кои поддржуваат вработување на млади. Според Филон, договорите за вработување треба да бидат од еден тип, а ветува зголемување на обуките за добивање за професионализмот на невработените.
Поранешниот премиер, Филон, смета дека треба да се ограничи влезот на бегалците во државата, а има за цел годишно влезот на бегалци да го намали под 100.000.
За спроведување на државната безбедност, Филон предвидува формирање на голема структура на Министерство за внатрешни работи, коешто ќе ги опфаќа царината, затворите, жандармеријата и полицијата.
Тој исто така, смета дека вработените кои земаат висока плата треба да плаќаат данок до 75%, се со цел да го намали товарот за данок на фирмите.
Од друга страна, тој во последните денови има проблеми поради тврдењата за наводна корупција. Францускиот весник „Ле Канар аншене“ (Le Canard Enchaine) тврдеше дека сопругата на Филон, Пенелоп Филон, од 1998 година добивала незаслужена плата, како ’советник’, а судските органи започнаа предистрага во врска со оваа тема.
Покрај ова, веб порталот Медиапарт тврдеше дека во периодот 2005 – 2007 година, кога Филон беше сенатор, буџетот наменет за помошниците го префрлал на дебитна сметка.
- Предлог за еврото од Ла Пен -
Екстремно-десничарката Марин Ле Пен, која е кандидатка од Партијата на Национален фронт, ветува ограничување на миграциите во државата. Според програмата на Ле Пен, секоја година од околу 200.000 бегалци кои доаѓаат во државата ќе бидат примени најмногу 10.000. Ле Пен планира да го ограничи доаѓањето во државата преку политички азил, повторното обединување на семејството и слично.
Според Ле Пен, Франција треба да излезе од зоната на користење на еврото како валута на ЕУ, а за ова треба да се спроведе референдум. Таа има став дека еврото влијае негативно врз државната економија, а доколку дојде на претседателската функција тврди дека ќе направи ревизија на економските договори направени со Европската Унија.
- Ограничување на образованието и здравството за странците -
Ле Пен потенцира дека доколку стане претседателка ќе воведе ограничувања кон странците кои живеат во државата. Таа ветува дека ќе воведе правна регулатива со која странците, кои имаат дозвола за престој и за работа во државата, сами ќе си ги плаќаат здравствените трошоци првите две години. Ла Пен исто така планира да стави крај на бесплатното образование за децата на илегалните мигранти.
Ла Пен вели дека ќе ги повика назад во државата компаниите чие производство се врши надвор од Франција, а доколку не дојдат, ќе спроведе специјален данок за истите. Таа потенцира дека особено автомобилските компании треба своите фабрики да ги формираат само во Франција.
Според последните истражувања на јавното мнение во Франција, првиот круг од претстојните избори Ла Пен ќе го помине многу лесно, меѓутоа сè уште не се знае кој друг кандидат ќе остане во вториот круг од гласањето.