Büşra Selvi Öğütcen
05 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
КИТО (АА) – Објавени се официјалните резултати од претседателските избори што минатиот викенд се одржаа во Еквадор, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Народниот изборен совет, Хуан Пабло Позо, објави дека се избројани 99,65 отсто од гласовите и според официјалните и конечни резултати, кандидатот на левичарската партија која е на власт, Ленин Морено, е новиот претседател на државата.
Позо информираше дека Морено освои 51 процент од гласовите, а неговиот противник Гиљермо Ласо освои 49 проценти од гласовите. Тој потсети дека страните ќе можат да поднесат приговор за резултатите.
Ленин Морено изјави дека народот одлучил по демократски пат, и истакна дека победата ја примил скромно и оти очекува неговите противници ова да го прифатат чесно.
- Морено ќе положи заклетва на 24. мај -
По повикот на Ласо дека на изборите е извршена корупција, вчера, пред да бидат официјализирани резултатите, поддржувачите на опозицијата протестираа пред зградата на Народниот изборен совет.
Во вториот круг од изборите, кој се одржа во неделата, се натпреваруваа кандидатот на владејачката левичарска партија, Морено, кој во првиот круг на изборите одржан на 19. февруари доби најмногу гласови, и лидерот на опозицијата, Ласо, кој беше второпласиран.
Во првиот круг на изборите, на гласање излегоа околу 13 милиони граѓани, а Морено победи освојувајќи 39,22 процента од гласовите, додека пак неговиот противник Ласо доби 28,34 проценти од гласовите. Бидејќи ниеден од кандидатите во првиот круг од изборите не освои повеќе од 50 проценти од гласовите, или пак не освои најмалку 40 отсто од гласовите, притоа надминувајќи го противникот за 10 отсто, во Еквадор се одржа и втор круг на претседателските избори.
- Морено и Ласо -
Кандидатот на владејачката партија, 63-годишниот Ленин Морено користи инвалидска количка по оружениот напад врз него во 1998 година. Морено беше заменик-претседател на тогашниот претседател Рафаел Кореа, во периодот од 2007 година до 2013 година. Тој своите изборни ветувања ги насочи кон лицата со попреченост, жените и старите лица и кон зголемување на социјалните права. Кореа, пак, кој себеси се претставува како „социјалист на 21. век“, за првпат на власт беше избран во 2006 година, а во 2009 и 2013 беше реизбран.
Поранешнот банкар, 61-годишниот Гиљермо Ласо, себеси се претставува како „кандидат за промена“, во државата што 10 години ја води истата партија на власт. Ласо своите предизборни ветувања ги насочи кон вработување на еден милион лица во Еквадор, зголемување на локалните и странските инвестиции, како и борба против криминалот. Тој вети дека доколку биде избран за претседател, ќе го извлече од еквадорската амбасада во Британија основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, чиешто барање за азил беше прифатено од страна на Еквадор во 2012 година.