Selçuk Acar
27 Јули 2017•Ажурирај: 28 Јули 2017
ЊУЈОРК (АА) - Последното истражување спроведено во САД открива дека во периодот од 2004 до 2009 година, 9.512 активни американски војници се обиделе да извршат самоубиство, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според официјалните податоци на здравствените институции на САД, секое петто самоубиство во таа земја е извршено од пензионирани војници, а загрижувачка е стапката на раст на обидите за самоубиство и меѓу активните војници.
Стручното списание „JAMA“ ги објави резултатите од истражувањето за бројните обиди за самоубиство кои завршиле со ранување или смрт на војниците, а анализирани се и јавно достапните податоци за периодот од 2004 до 2009 година.
Во тој период, обид за самоубиство имале вкупно 9.512 војници, од кои 86 отсто се мажи, а 14 отсто жени.
Меѓу американските војници кои кренале рака на себе, 60 отсто се белци и 68 отсто се помлади од 30 години.
Роберт Урсано, член на истражувачката екипа, изјави дека секој поединечен обид за самоубиство во некоја американска единица, значително ја зголемува стапката на ризик дека тоа ќе се повтори во истата единица.
Алан Петерсон, професор од Универзитетот „Тексас“ предупредува дека најчестата причина за обид за самоубиство се условите во кои војниците ги извршуваат своите обврски.
Поранешните истражувања во САД откриваат дека со војните интервенции во Ирак и во Авганистан, двојно се зголемил бројот на обиди за самоубиство меѓу американските војници.
Командата на американската војска од 2011 до 2015 година суспендираше повеќе од 90.000 војници поради неизвршување на професионалните обврски, а кај повеќе од 57.000 од тие војници, дополнително е дијагностицирана траума, предизикана од стрес на должност.