İlkay Güder
04 Август 2018•Ажурирај: 06 Август 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, нареди замрзнување на имотот на американските министри за правда и внатрешни работи во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Денеска издавам наредба: да се замрзне имотот на американските министри за правда и внатрешни работи во Турција, доколку го имаат“, рече Ердоган денеска во Анкара.
Истакна дека „чекорот кој Америка го направи во врска со свештеникот Ендрју Крејг Брансон не доликува на стратешко партнерство“.
„Оние кои мислат дека со јазикот на закани и бесмислени одлуки за санкции ќе ја примораат Турција да направи чекор назад, тогаш не ја познаваат оваа држава, а ниту овој народ. Америка, како и Европа, не може да ја користат Турција како материјал за својата внатрешна политика“, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
И покрај сите потешкотии низ кои поминале, додаде, никогаш нема да направат чекор назад.
Ендрју Крејг Брансон е приведен на 9 декември 2016 година и оттогаш се наоѓа во притвор. Обвинет е за дејствување и шпионажа во корист на терористичките организации ПКК и ФЕТО. Му се заканува затворска казна во времетраење од 35 години.
На барање на Обвинителството, Судот во Измир на 18 јули му изрече притвор за време на судската постапка, но поради неговите здравствени проблеми, таа мерка е преиначена во домашен притвор.
Во обвинението што го подигна Обвинителството во Измир се наведува дека Брансон контактирал со членови на терористичката организација ФЕТО.