Aynur Ekiz
08 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во Анкара изјави дека престојниот референдум за уставни измени во Турција е завршна фаза на процесот на реформи поддржан од турскиот народ на референдумот во 2007 година, кога во земјата за првпат е воведен директен избор на претседател на државата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во претседателската палата во Анкара денеска беше организиран 36. прием на претставници од најниските инстанци на локалната власт од различни делови на Турција, а за време на обраќањето Ердоган истакна дека Турција моментално се наоѓа во многу важен период во кој ќе се одржи референдум за уставни промени, кои имаат за цел создавање на поефикасна власт.
Истакнувајќи дека не може да се занемари фактот дека Турција полесно ги надминувала кризите од 2014 година, кога претседателот на државата се стекна со легитимитет на директните избори. Ердоган рече дека тука не станува збор за него лично, туку за важноста на позицијата претседател.
„Се разбира, тоа се случи со мене на таа позиција, но кој и да дојде на таа функција, од него ќе се очекува истото лидерство. Не можеме да најдеме решение сè додека не сфатиме дека проблемот не беше во личностите, туку во системот“, рече Ердоган.
Во Турција и во 2007 година се одржа референдум на кој 69 отсто од гласачите ги поддржаа реформите, што доведе до воведување на директен избор на претседател на таа земја, а Ердоган истакна дека престојниот референдум за уставни реформи е неопходен за да се постигне целта.
„На предлогот за уставни реформи, кој на референдум во април ќе биде поставен за одобрување од нашиот народ, треба да се гледа како на завршен чекор од реформскиот процес започнат пред десет години. Нашиот народ со 69-процентно мнозинство ги поддржа реформите, и јас сум убеден дека ќе ги одобри и новите предлог-измени потребни за постигнување на крајната цел“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека во Турција отсекогаш постоел контраблок кој секогаш негираше и омаловажуваше сè, Ердоган рече дека тој блок и понатаму го негира сето она што се прави, и наведе дека сегашниот естаблишмент успеа да ја реши должничката криза и Турција да ја направи попросперитетна, така надминувајќи ја ерата кога Турција не можеше да ги исплати платите на државните службеници, на работниците и да понуди било што за стимул на стопанството.
„Противниците на реформите сега дури и не знаат за што се противат и затоа со лаги се обидуваат да го заведат народот. Лажат дека целата моќ ќе биде во рацете на еден човек, дека нема да има парламент и судови. Сето ова се измами и лаги. Затоа повикувам, во сите населби, да помогнете на секој човек да му се објаснат сите детали за предложените измени во уставот“, рече Ердоган.
Тој ги повика присутните врз основа на вистината и фактите да им укажат на луѓето дека и овие предложени уставни реформи се дел од визијата за нова и силна Турција.
„На почетокот од првиот мандат како премиер реков дека Турција ќе ја издигнеме на четири столба. Тоа се образованието, здравството, правдата и безбедноста. Подоцна го додадовме и транспортот, енергетиката, прехрамбената индустрија и земјоделството, а потоа следеа и другите сектори. Турција и понатаму ја градиме во сите сектори и ја издигнуваме на нивото што историски и цивилизациски ѝ припаѓа“, истакна Ердоган.