Ekipa
09 Мај 2018•Ажурирај: 10 Мај 2018
МОСКВА/БИШКЕК/АСТАНА/ТБИЛИСИ (АА) - Со спектакуларни воени паради во неколку земји од поранешниот Советски Сојуз денеска се одбележува Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Централната Парада на победата по повод 73-годишнината од победата над нацистичка Германија се одржа во центарот на Москва.

На Црвениот плоштад маршираа 13.000 војници и 159 оклопни возила, а руската Воена авијација Парадата ја зачини со претстава на небото.
Парадата на победата, рускиот претседател Владимир Путин ја следеше во друштво на српскиот претседател Александар Вучиќ и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

И овогодишната Парада на победата беше можност Руската армија да покаже дел од оружјето од Втората светска војна, но и најновиот арсенал што го поседува.
Така, денес за прв пат јавно беше прикажан ракетниот систем „Кинџал“ монтиран на авионот МиГ-31k, а неговите проектили се до десетпати побрзи од светлината. Ова е систем кој може да послужи како носач на боеви глави, а Путин на тој начин го исполни неодамнешното предизборно ветување.

За првпат беа прикажани и оклопното возило „Терминатор“, петтата генерација од авионите „Су-57“, роботите-деминери „Уран-6“, оклопното возило „Уран-9“ беспилотното летало „Корсар“ и беспилотниот хеликоптер „Катран“.
По повод победата над фашизмот и во кизргистанскиот главен град Бишкек беше одржан „Маршот на бесмртноста“, со кој беше дадена почест на настраданите антифашисти во Втората светска војна.
На традиционалната поворка за првпат присуствуваше и претседателот на Киргистан Соронбај Женбеков кој ја предводеше поворката, носејќи слика на својот дедо кој со двата сина се борел на фронтот против Третиот рајх.
„Единството на Советскиот народ беше клучен фактор за победата против фашизмот“, рече Женбеков, и потсети дека од фронтовите во Втората светска војна не се вратија повеќе од 152.000 антифашисти од Киргистан.
Денот на победата над фашизмот беше прославен и во Астана, главниот град на Казахстан, а традиционалниот „Марш за загинатите антифашисти“ беше одржан во најголемиот град на земјата, Алмати.
Со десетици илјади луѓе, на собирите присуствуваше и државниот врв, на чело со претседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбајев.
Денот на победата е одбележан и во Тбилиси, а пред државниот врв, венец на споменикот на паднатите антифашисти положи претседателот на Грузија, Георги Маргвелашвили.