Esra Akgün
05 Март 2016•Ажурирај: 06 Март 2016
ТЕХЕРАН (АА) - Турскиот премиер, Ахмет Давутоглу, по состанокот со првиот заменик-претседател на Иран, Исхак Џихангири, изјави дека се направени важни чекори во поглед на начинот на кој двете земји ќе го обликуваат периодот којшто следи, јавува Anadolu Agency (AA).
Давутоглу утринава пред палатата „Садабад” во Техеран е дочекан со сите официјални почести, а по состанокот зад затворени врати одржана е заедничка прес- конференција за новинарите.
Говорејќи за потенцијалните билатерални односи помеѓу Турција и Иран, Давутоглу рече:
„Ако го искористиме големиот потенцијал во нашите билатерални односи, полесно ќе се најдеме на заедничкиот темел против нестабилноста на нашиот регион, но исто така и против опасноста од тероризмот и меѓубратските судири. Многу е важно Турција и Иран да развијат заедничка перспектива со цел окончување на меѓубратските, етничките и секташките судири во регионот.”
Давутоглу истакна дека Турција и Иран може да имаат различни ставови во однос на одредени прашања, „но не можат да ја променат нашата историја и географската положба”.
„Станува збор за стара и соседска историја. Нашата географска положба е таква што меѓусебно се надополнува. Во текот на билатералниот но и меѓуделегациски состанок направивме многи важни чекори во смисла на пронаоѓање начини според кои ќе го обликуваме периодот пред нас.”
Во придружба на Давутоглу во Техеран се наоѓа и турскиот министер за економија, Мустафа Елиташ, министерот за енергија и природни ресурси, Берат Албајрак, министерот за царина и трговија, Булент Туфекџи, министерот за развој Џевдет Јилмаз, како и министерот за транспорт, поморство и комуникации, Бинали Јулдирим.