Ali Cura,Emre Gürkan Abay
29 Декември 2018•Ажурирај: 29 Декември 2018
МОСКВА (АА) - Во Москва утрово започна состанокот на министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерот за одбрана, Хулуси Акар со руските колеги Сергеј Лавров и Сергеј Шојгу. Главна тема на средбата се случувањата во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во турската делегација, покрај министрите Чавушоглу и Акар, се наоѓа и шефот на разузнавачката служба (МИТ), Хакан Фидан и портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин. Состанокот се одржува во зградата на Министерството за одбрана на Русија.
Чавушоглу пред почетокот на состанокот изјави дека Турција, Русија и Иран, според форматот од Астана, водат многу блиска соработка по прашањето за Сирија.
„На тој начин остваривме значителен напредок, вклучувајќи и политички процес“, рече Чавушоглу.
Тој истакна дека во Русија допатувале за да разговараат за последните случувања во Сирија.
„Ќе разговараме за тоа што можеме да направиме со нашите руски партнери во периодот што доаѓа. Претседателот Реџеп Таип Ердоган нѐ прати нас, бидејќи придава голема важност на односите со Русија, кога станува збор за регионалните прашања“, рече Чавушоглу.
Рускиот министер за одбрана, Шојгу, изјави дека освен за Идлиб, ќе стане збор и за имплементацијата на Договорот кој е постигнат на Самитот во Истанбул.
„Освен тоа, ќе разговараме и за одлуката на САД да се повлечат од Сирија и за последните случувања источно од Еуфрат“, рече Шојгу.
Освен Лавров и Шојгу, во руската делегација се и началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов и специјалниот пратеник на претседателот на Русија за Сирија, Александар Лаврентијев.