Ekipa
11 Јануари 2018•Ажурирај: 11 Јануари 2018
ИСТОЧНА ГУТА /ИДЛИБ / АНКАРА (АА) - Околу 400 цивили го загубија својот живот во интензивните напади на сирискиот режим и неговите поддржувачи, кои го прекршуваат примирјето во зоните без судири во Сирија - Источна Гута и Идлиб.
Источна Гута, преградие на Дамаск кое е под блокада на режимот на Башар ал-Асад, од 14 ноември 2017 година до денес е цел на жестоки воздушни и копнени напади на режимот и неговите поддржувачи.
Според информациите на Anadolu Agency (AA) во регионот, подрачјата на Дума, Хареста, Хамурије, Мерџ, Арбин, Сакбе, Мисраба, Медјере, Земелка, Џисрин, Ајн Терма и Бејт Сава кои се наоѓаат во зоната без судири во Источна Гута, изложени се на интензивни бомбардирања.

Според информациите добиени од извори на Цивилната одбрана, во нападите извршени од 14 ноември минатата година до денес во Источна Гута загинале 303 цивили, од кои 5 се припадници на Цивилната одбрана, додека бројот на повредени изнесува над 1.400.
Во последните две недели, периодот кога Русија почна со воздушна поддршка на режимот, загинаа 161 цивил.
- Во Идлиб во последните 3 недели загинаа над 95 цивили -
Во последните три недели траат нападите на режимот и неговиот поддржувач Русија, во зоните без судири во Идлиб, кој се наоѓа во северниот дел на Сирија.
Подрачјата на Хан Шејхун, Серакиб, Кефер Сиџне, Кефренбил, Маретинуман, Ел Теманије, Илчелери, Маршурин, Маретихирме, Ел Тух се изложени на интензивни воздушни напади на Русија и режимот.
Од Цивилната одбрана велат дека во овој период животот го загубиле 95 цивили, а над 200 се повредени.
Од друга страна, во руралниот регион јужно од градот траат судирите меѓу групите поддржани од страна на Иран и антирежимските групи.
Силите лојални на режимот откако го зазедоа подрачјето Синџар, во јужбиот дел на Идлиб, се насочија кон аеродромот Ебу Зухур кој има стратешко значење.
Источна Гута и Идлиб на состанокот во Астана, кој се одржа на 4 и 5 мај, беа прогласени за зони без судири.