Dildar Baykan
27 Септември 2017•Ажурирај: 27 Септември 2017
КОЛОМБО (АА) - Повеќе од 430.000 муслимани од Аракан, за помалку од месец избегаа во Бангладеш поради насилството во Мјанмар. Освен во Бангладеш, група муслимани од Аракан претходно најде засолниште на Шри Ланка. Сепак, нивните проблеми не престанаа таму, бидејќи беа подложени на напади од страна на локалните будистички милитанти, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на полицијата во Шри Ланка, Руан Гунасекара, потврди дека група будистички милитанти се собрале за да протестираат пред објектот во главниот град Коломбо каде што престојуваат бегалците од Мјанмар, кој е под контрола на Обединетите нации (ОН).
Гунасекара изјави дека за време на протестите, милитантите бегалците ги нарекоа „терористи“, и барале тие да бидат вратени назад во Мјанмар, а подоцна го нападнале и објектот. Полицијата беше принудена да евакуира близу 30 муслимани од Аракан.
Шефот на полицијата потсети дека се работи за бегалци кои во април оваа година, илегално се обиделе да влезат на територијата на Шри Ланка, но беа приведени од страна на припадниците на безбедносните сили. Со судска одлука, оваа група беше сместена во објект под контрола на ОН.
Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, претходно изјави дека бројот на бегалците кои успеале да избегаат од конфликтот во Мјанмар во Бангладеш е поголем од 430.000.
Меѓународниот фонд за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) претходно соопшти дека меѓу бегалците кои своето засолниште го пронајдоа во Бангладеш, има повеќе од 250.000 деца, од кои 1.822 се без родители.