Aşkın Kıyağan
16 Јуни 2018•Ажурирај: 18 Јуни 2018
ВИЕНА (АА) - Премиерот на Австрија, Себастијан Курц, истакна дека во случај да биде невозможно мигрантите кои на илегален начин влегле во Европската Унија (ЕУ), да бидат депортирани надвор од границите на ЕУ, тогаш би било потребно тие да бидат собрани во безбедносни центри кои ќе се формираат надвор од Европа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Курц, во изјава за еден од истакнатите австриски весници „Ди Пресе“ (Die Presese), говореше околу прашањето за бегалците, кое во последниот период повторно предизвика расправа во ЕУ, како и тензии во администрацијата на одредени земји членки, и нагласи дека најважниот приоритет на Австрија, која од јули ќе претседава со ЕУ, е прашањето на илегалната миграција.
Курц истакна дека движењето во рамките на ЕУ без гранична контрола е поврзано со зајакнувањето на контролите на надворешните граници.
„Тоа значи дека тие кои на илегален начин ќе сакаат да дојдат во Европа, треба да бидат запрени на границата на ЕУ, и да бидат вратени назад откако ќе биде одговорено на нивните потреби. Ако не е возможно да се вратат назад од границите на ЕУ (во земјите од кои дошле или во транзитните земји), тогаш треба да се формираат безбедносни центри надвор од Европа“, додаде тој.
Курц тврди дека овој предлог за кој станува збор е во согласност со Женевската конвенција за бегалци, и дека овој документ погрешно се коментира.
Курц се осврна и на санкциите против Русија, и рече дека целта на Австрија е зајакнување на дијалогот меѓу Русија и ЕУ. Според него, постои цел, со текот на времето да се укинуваат санкциите врз основа на настаните околу прашањето во Источна Украина.
Некои земји членки на ЕУ, како Данска и Австрија, веќе извесно време одржуваат средби за формирање центар за бегалци на европскиот континент, но надвор од границите на ЕУ.
Премиерот на Италија, Џузепе Конте, во изјава за медиумите, по вчерашната средба со претседателот на Франција, Емануел Макрон, истакна дека е потребно да се дојде до главниот извор на проблемот, и да се стави фокус на земјите од кои доаѓаат бегалците. „Треба да формираме европски центри во земјите од кои доаѓаат тие“, додаде Конте.