Yusuf Hatip
08 Јуни 2018•Ажурирај: 08 Јуни 2018
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата е донесена одлука Центарот на заедничката команда за Атлантикот да биде во американскиот Норфолк, јавува Anadolu Agency (AA).
„Исто така одлучивме дека Заедничката команда за поддршка ќе биде стационирана во германскиот град Улм“, изјави Столтенберг за новинарите на крајот од првиот ден на Самитот на министри за одбрана на земјите членки на НАТО.
Тој додаде и дека е донесена одлука бројот на вработените во командната структура на НАТО да биде зголемен за 1.200.
„Постигнавме договор и по прашањето за единицата на НАТО од 30 теренски баталјони, 30 воздушни борбени ескадрили и 30 борбени бродови која ќе има капацитет во рок од 30 или помалку денови да биде подготвена за дејствување“, изјави Столтенберг.
Тој истакна дека земјите сојузници во текот на претходните четири години последователно ја зголемувале вкупната потрошувачка во областа на одбраната.
„Сите сојузници ги запреа намалувањата по прашањето за издвојување за одбраната, всушност ги зголемија издвојувањата. Поголемиот дел од членките на Алијансата планираат до 2024 година за одбраната да издвојат најмалку 2 отсто на БДП.“
Тој напомена дека на состанокот во Брисел е донесена одлука за формирање на Центарот за кибероперации.
На прашањето за одлуката на Грција со кое им даде право на азил на пребегнатите пучисти од Турција кои учествува во неуспешниот воен удар во јули во 2016 година, Столтенберг рече дека разговарал со турските и грчките функционери за ова прашање и ги повикал на воздржаност.
Потсетуваме, во Брисел денеска започна дводневниот редовен состанок на министрите за одбрана на членките на НАТО.
Во рамките на состанокот на министрите за одбрана на земјите на НАТО ќе се одржи и седница посветена на мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, на која освен членките на НАТО, ќе учествуваат и претставници на партнерските држави кои активно придонесуваат во таа мисија.