АНКАРА (АА) – Желбата на Турција и Русија за да ја прошират билатералната трговија до 100 милијарди долари е цел што бара работа, но истовремено остварлива цел која може да се реализира со помош на заемни инвестиции на глобално ниво, истакна денес новиот руски амбасадор во Турција, Алексеј Јерхов.
Во разговор со Anadolu Agency (AA) по 86. Меѓународен саем во Измир, кој се одржа во периодот од 18 до 27 август, каде што Русија учествуваше како земја-партнер, Јерхов ја поздрави Турција како еден клучен трговски партнер за Москва во широк спектар области, вклучувајќи го и градежниот сектор.
„Постојат многу сериозни и значајни инвестициски активности за Анкара и Москва во нашите земји, кои не се ограничени само со градежниот сектор. Најголемите руски компании долго време инвестираат во турската економија, а пак турските компании дејствуваат со голем успех на рускиот пазар“, вели Јерхов.
Тој нагласи дека билатералната трговија меѓу Турција и Русија започнала со индивидуална трговија во 90-тите години, но сега областа на соработката е проширена до тоа ниво што сега се реализираат големи инфраструктурни проекти, вклучувајќи ги проектот за природен гас „Турски тек“ и првата турска нуклеарна централа „Акују“.
Според рускиот амбасадор, обемот на трговската размена достигнал рекорд во 2010 година, од 34 милијарди долари, период кога политичките партии за првпат ја изразија својата цел за размена од 100 милијарди долари.
„Сепак, важно е да се наведе дека нашиот обем на трговската размена во последно време драстично се намали поради познатите причини, како и поради трговските услови. Таа се намали за околу 50 отсто во споредба со нивоата постигнати пред седум или осум години“, нагласи Јерхов.
„Независно од тоа, целта за зголемување на обемот на заемната трговска размена до 100 милијарди долари е една цел која бара работа, но истовремено е остварлива“, рече рускиот амбасадор.
Јерхов истакна дека бизнис светот и локалните власти работат многу за да ја постигнат оваа цел, и додаде дека еден значаен пример за овој напор е забележлив во слободната трговска зона „Алабуга“, која се наоѓа во Република Татарстан, каде што турските компании дејствуваат активно.
- Области на соработка -
За постигнување на целта во обемот на трговската размена, како што рече Јерхов, соработката и синергијата меѓу Турција и Русија се клучни елементи. Тој додаде дека последниот договор меѓу приватната иранска компанија за истражување и производство „Ghadir“ (Гадир), државната руска компанија „Zarubezhneft“ (Зарубежнефт) и турската компанија „Unit International“ (Унит интернешнал) за развој на областите како нафта и природен гас во Иран е еден добар пример за оваа соработка.
„'Зарубежнефт' е многу сериозна и успешна компанија, со големо искуство, особено во странство. Овој трилатерален договор е добар пример и показател за соработката меѓу нашите земји“, истакна тој.
Исто така, рускиот амбасадор ги покани турските претприемачи да го користат новиот руски систем за електронско плаќање, наречен „Мир“.
Русија во јуни започна да ги доделува првите електронски платежни картички, кои се независни од меѓународните платежни системи како Visa Inc. и MasterCard Inc.
„Сигурен сум дека турскиот бизнис свет ќе посака да го интегрира овој систем, кој засега работи само со локалната валута, рубља“, вели рускиот амбасадор.
- Евроазиска царинска унија -
Турскиот министер за економија, Нихат Зејбекџи, за време на неговиот говор во Измир на денот на отворањето на Меѓународниот саем во Измир, истакна дека Турција посакува да ги започне преговорите за Евроазиската царинска унија. Унијата е составена од членови на Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), која ги вклучува Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан и Русија.
Во врска со прашањето како на односите Русија – Турција и Турција – ЕУ ќе влијае целта на Турција за започнување на преговорите за споменатата унија, Јерхов потврди дека ова прашање повеќе се однесува на макроекономскиот биланс, но изрази поддршка за преговорите.
- Увоз на домати од Турција -
„За увозот на турски домати во Русија беше детално дискутирано во текот на саемот во Измир, на ниво на Заедничкиот економски комитет, но и меѓу турските и руските експерти“, истакна Јерхов.
„Денес, Русија сама задоволува 80 отсто од побарувачката на домати за домашниот пазар, и 20 отсто од Иран, Азербајџан, Мароко и од други земји“, додаде тој.
Амбасадорот укажа на важноста на следните две средби за решавање на прашањето, од кои едната е заедничкиот состанок на земјоделскиот комитет, кој ќе се одржи на 13 септември во Анталија, а другиот е Заедничкиот економски комитет што ќе се одржи на 20 октомври во Казан.
„Се надевам дека доколку се обидеме, тогаш можеме да најдеме еден реципрочен корисен договор“, изјави рускиот амбасадор.
По соборувањето на рускиот авион откако навлезе во турскиот воздушниот простор во ноември во 2015 година, Москва презеде мерки против Анкара, вклучувајќи и блокада на увозот на турски земјоделски производи, и укинување на патувањето без виза за турските државјани.
Од минатото лето, Русија ги олесни мерките и ги укина забраните за некои производи, особено за цитрусите.
При посетата на Русија на 3 мај, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин се согласија за повторно започнување на трговската размена, вклучувајќи ги храната и текстилот, со исклучок на доматите.