Esin Işık
15 Септември 2018•Ажурирај: 16 Септември 2018
БАКУ (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој престојува во посета на Азербејџан, изјави дека за поправање на односите со Ерменија главен и нужен услов е решавање на прашањето на Нагорно-Карабах, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган утрово допатува во посета на Азербејџан, а по свечениот дочек и состанок со претседателот на оваа земја, Илхам Алијев, говореше на церемонијата на одбележувањето на 100-годишнината од ослободувањето на Баку.
Турскиот претседател на почетокот на обраќањето упати сочувство до сите оние кои ги дадоа своите животи во борбата за независност на Азербејџан.
„Основањето на исламската Армија на Кавказ и азербејџанската Војска во 1918 година и нивното дејствување на тие простори доведе до зачувување на територијалниот интегритет на Азербејџан, и со тоа се поставија темелите за независност“, рече Ердоган, и додаде:
„Откако во 1991 година повторно оствари независност, првата земја која го призна Азербејџан беше Турција. Тоа воопшто не е случајно, веќе е најјасен показател на нашето братство. Турција од првиот ден на независноста му пружаше поддршка на Азербејџан, истата поддршка ќе продолжи да ја пружа и во иднина.“
Ердоган се осврна и на прашањето на Нагорно-Карабах и рече дека „решавањето на прашањето на Нагорно-Карабах е главен и нужен услов за поправање на нашите односи со Ерменија.“
Турскиот претседател порача дека оние кои не положиле сметка за случувањата и масакрите во Хоџај и Нагорно-Карабах, не можат да држат лекции по историја.
„Оние кои не положиле сметка за случувањата во Хоџали пред 25 години, кои не одговарале за масакрите во Нагорно-Карабах, кои убијците ги прогласуваат за херои, не се оние кои нам можат да ни држат лекции за историјата“, порача Ердоган.