Sinan Uslu
20 Април 2018•Ажурирај: 21 Април 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за образование на Република Турција, Исмет Јилмаз, коментирајќи ја одлуката за одржување предвремени парламентарни и претседателски избори во Турција, порача дека на националните интереси на Турција повеќе им одговара долгорочна стабилност и безбедност, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилмаз беше гостин на денешниот уреднички колегиум на АА во Анкара, каде што одговораше на прашањата од новинарите и уредниците на АА од целиот свет, и се осврна на одлуката за одржување предвремени парламентарни и претседателски избори, кои ќе се одржат на 24 јуни во Турција.
На прашањето на новинарите за причините за одржување на предвремените избори, Јилмаз потсети на операциите на Турската војска „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ во Сирија, но и генерално, на борбата против тероризмот.
„Ако ги погледнеме сите случувања околу нас, тогаш е јасно дека на националните интереси на Турција повеќе им одговара влада која во долгорочна смисла ќе донесе безбедност и стабилност. На предлог на претседателот на Партијата на национално движење (MHP), нашиот претседател (Ердоган) разговараше со челниците на партиите и е донесена одлука на 24 јуни да се одржат предвремени парламентарни и претседателски избори“, рече Јилмаз.
Тој додаде дека секоја несигурност и неизвесност може да има негативен одраз врз економијата, поради што е неопходно таа неизвесност да се отстрани.
Тој, исто така, нагласи дека изборите на 24 јуни ќе бидат последните предвремени избори во Турција.
„Во следниот период ниту Парламентот ќе може да однесе претседател на избори, ниту пак, претседателот ќе може Парламентот. Ова се последните предвремени избори во Република Турција“, рече Јилмаз.