Ekipa
12 Февруари 2018•Ажурирај: 13 Февруари 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, денес предупреди дека билатералните односи меѓу Турција и САД се доближуваат до целосно нарушување поради американската поддршка на терористичката организација ПЈД/ПКК во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Односите меѓу Турција и САД достигнаа критична точка. Или ќе ги поправиме или во потполност ќе се уништат“, изјави Чавушоглу за новинарите во рамките на Втората турско-африканска министерска конференција во Истанбул.
Чавушоглу порача дека Турција очекува од САД преземање конкретни чекори за враќање на довербата, која е изгубена по вина на САД.
Критикувајќи ги властите на САД поради поддршка на терористичката организација ПЈД/ПКК во Сирија, Чавушоглу изјави дека САД не ги „чепкаaт“ терористите на ДЕАШ во Сирија за да имаат изговор за продолжување на соработката со групата ПЈД/ПКК, која е сириски огранок на терористичката организација ПКК.
САД ги поддржуваат ПЈД/ПКК и ги сметаат за сигурен сојузник во борбата против ДЕАШ во Сирија, на што Турција остро се спротивставува бидејќи станува збор за сириски огранок на терористичката организација ПКК.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право заснованo на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации, особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите на режимот на Асад во јули 2012 година без борба на терористите на ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
Терористите на ПЈД/ПКК под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8.000 и 10.000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија. ПКК уште од средината на 80-тите години на минатиот век води терористичка кампања против Турција.