Nazmi Abduramani
03 Март 2016•Ажурирај: 04 Март 2016
СКОПЈЕ (AA) – Во присуство на партиски функционери, министри и членови на албанската партија Демократска унија за интеграција (ДУИ), во попладневните часови започна протестот против одлуката на скопската општина Бутел да постави крст на нејзина територија, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестот започна од фудбалскиот стадион во Чаир од каде демонстрантите со транспаренти и знамиња се упатија кон општина Бутел, за да го искажат својот револт.
Градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, пред демонстрантите рече дека протестот е организиран од ДУИ и дека тој го изразува револтот на сите Албанци во Македонија од поставување на верски симболи на среде улица. Меџити најави дека протестите нема да запрат се додека не се повлече одлуката за поставување 55. метарски крст во општина Бутел.
"Ние не си одиме од овде. Ќе се стационираме тука и не си одиме одовде се додека не се одложи оваа одлука која што не оди во прилог на сите граѓани на Република Македонија", изјави Меџити и додаде дека одлуката на општина Бутел за поставување на крстот претставува нарушување на принципот на "Бадентер", кој донесе мир на Република Македонија.
Демонстрантите ја урнаа оградата поставена околу темелникот за изградба на крстот, кадешто поставија шатори и најавија дека ќе останат таму додека не се промени одлуката за поставување на крстот.
Крстот во општина Бутел е донација на Светскиот македонски конгрес, а камен-темелникот за истиот беше поставен минатата недела. За време на поставувањето камен-темелник минатата недела, ДУИ и нивните поддржувачи протестираа против ваквата одлука на општина Бутел.