Admir Fazlagic
06 Септември 2018•Ажурирај: 06 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на официјалната посета на Република Македонија, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се состана со претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од Кабинетот на претседателот Џафери, тој изразил голема благодарност до генералниот секретар Столтенберг за неговиот личен ангажман и поддршка на Република Македонија во добивањето покана за полноправно членство во НАТО на Самитот во Брисел.
Џафери истакнал дека Република Македонија посветено работи на исполнувањето на реформската агенда, преку годишните планови за членство, но и со усвојувањето на Стратегискиот одбранбен преглед, кој предвидува модернизација на Армијата и на целокупната одбрана на Република Македонија.
„Фокусот на активностите паралелно е насочен и во градењето и негувањето конструктивен дијалог со соседите и решавање на отворените прашања, како предуслов за индивидуален напредок, но и придонес кон регионалната стабилност“, истакнал Џафери.
Претседателот на Собранието изразил надеж за успех на референдумот и очекување дека граѓаните ќе ја потврдат својата определба за членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, бидејќи на референдумот треба да се гледа како на патоказ кон иднината, а не како поглед во минатото, информираат од Собранието на Република Македонија.
„Во контекст на севкупните напори на Република Македонија да ја достигне целта - полноправна членка на НАТО Алијансата, голем придонес има и парламентарната димензија, за што сведочи одржувањето на успешниот Рос-Рот семинар во Скопје, непосредно пред Самитот на НАТО“, пишува во соопштението.
Меѓу другото, се наведува дека генералниот секретар Столтенберг го поздравил потпишувањето на Договорот со Грција и ја подвлекол натамошната поддршка на НАТО во исполнувањето на реформските процеси, а особено изразил задоволство од донесувањето на Стратегискиот одбранбен преглед.
„Нагласи дека за финализирање на процесот, потребна е ратификација во парламентите на сите 29 земји членки на Алијансата, која ќе се реализира откако ќе бидат завршени сите обврски поврзани со имплементацијата на Договорот, односно донесувањето на уставните измени. Свесен е дека тоа се чувствителни прашања за двете држави, но верува во позитивното заокружување на овој процес“, се вели во соопштението, и се додава:
„Тој истакна дека Алијансата не присилува ниедна држава да стане нејзина членка; таа ќе ја почитува суверената одлука на граѓаните на претстојниот референдум, позитивна или негативна, но предочи дека влегувањето во Алијансата секогаш носи големи придобивки за граѓаните, не само од безбедносен аспект, туку и економски бенефит, пораст на странските инвестиции и долгорочна општествена стабилност.“
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, престојува во дводневна официјална посета на Македонија, во чии рамки одржува средби со политичките лидери.
Според најавите, по средбата со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, двајцата соговорници ќе одржат заедничка прес-конференција.