Admir Fazlagic
01 Јуни 2019•Ажурирај: 03 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во тек е второто издание на фестивалот „Skopje Light Art District“ - Меѓународниот фестивал на светлосната уметност, во рамките на кој се претставуваат дваесетина уметници, групи и музичари на 18 локации, кои со своите изложби, перформанси и 3Д-мапирања, го осветлуваат центарот на Скопје во различни бои, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на одржување на ваквиот фестивал е да внесе светлина и боја во секојдневјето и да се покаже убавата, шаренолика страна на животот, a сите присутни на фестивалот имаат можност да бидат дел од едно ново и необично искуство.
Следејќи ја „патеката“, од „Куршумли ан“ во Старата чаршија, како и на други локации во чаршијата, преку кејот на Вардар, сѐ до Градскиот парк, заинтересираните можат низ прошетка да ги видат различните светлосни инсталации, осветлените дрвја, како и 3Д-видеопроекциите.
Најавувајќи го овој настан, градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, рече дека граѓаните имаат можност да видат едно уникатно доживување исполнето со многу бои.
„Skopje light art district“ е меѓународен фестивал на светлосна уметност во Скопје, во организација на Универзална сала, а со поддршка на Град Скопје, Институтот „Јунус Емре“ - Скопје и европскиот проект ROCK - Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови, кој е дел од програмата на ЕУ за истражување и иновации - Хоризонт 2020.
Фестивалот беше отворен на 29 мај, а завршува вечерва.