Admir Fazlagic
27 Октомври 2016•Ажурирај: 31 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Од 2 до 30 ноември, Скопје ќе биде домаќин на 17. по ред издание на музичкиот фестивал „Есенски музички свечености“, на кој ќе настапат истакнати музички уметници од различни земји од светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој музички фестивал се одржува под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија, Градот Скопје, а во соработка со амбасадата на Унгарија во Скопје, амбасадата на Полска и Институтот „Јунус Емре“ – Турски културен центар во Скопје.
Фестивалот ќе започне на 2 ноември, во 20 часот, во Македонската опера и балет, со гала оперски концерт „50 години уметничка дејност – маестро Томислав Шопов“, на кој ќе учествуваат солисти, оркестарот и хорот на МОБ и гости.
Претставувајќи ја програмата на фестивалот, драматургот и сценаристот на споменатиот гала-концерт, Крсто Скубев, кој инаку е помошник на директорот за односи со јавноста во МОБ, најави богата музичка програма во која ќе уживаат многубројните љубители на музичката уметност.
„МОБ има три настани на ‘Есенските музички свечености’, три јубилеи, два весели, за живи луѓе, и едно тажно сеќавање на еден голем уметник, по повод 30 години од неговата смрт (Георги Божиков – бас), 50 години од диригентствувањето на Томислав Шопов“, рече Скубев, додавајќи дека ќе настапат четири хора, три аматерски и професионален хор на МОБ и плејада солисти меѓу кои и од помладата генерација.
Своето задоволство по повод соработката за овој музички фестивал ја изрази и Фуат Коркмаз, заменик-директорот на Институтот „Јунуз Емре“ – Турски културен центар во Скопје.
„Ние сме сведоци дека Република Македонија во текот на целата година е домаќин на прекрасни меѓународни и домашни фестивали со богати културни активности. Во оваа прекрасна земја, на ваквите меѓународни манифестации, како што се Струшките вечери на поезијата, филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, „Скопско лето“, „Охридско лето“, на едно место се собираат врвни уметници. Задоволство ни е што нам, со „Есенските музички уметности“, како на институт ни е овозможена шанса од нашата матична земја да ги промовираме не само познатите уметници од матичната земја, туку и светски познатите уметници“, истакна Коркмаз.
Тој информираше дека во рамките на фестивалот, на 4 ноември, в петок, ќе настапи познатата пијанистка и пејачка Карсу Донмез, која е родена во Холандија, а по потекло е од Турција.
„Оваа година одлучивме да ја повикаме светски познатата пијанистка Карсу Донмез, која за љубителите на музичката уметност ќе одржи два прекрасни концерта. Првиот во „Домот на АРМ“, а вториот во Битола, додаде Коркмаз според која ваквите фестивали придонесуваат за промоција на музиката, културата и уметноста на сите држави од светот.
Ѓула Шомоѓи, заменик-шеф на Мисијата на амбасадата на Унгарија во Скопје, обраќајќи се на прес-конференцијата, го истакна задоволството што како амбасада имаат можност да го поддржат овој фестивал за кој сметаат дека нуди исклучително квалитетна музичка програма.
Во рамките на програмата на фестивалот, освен споменатите изведувачи, свои настапи ќе имаат: Бобан Мирковски – пијанист (7 ноември, Музеј на град Скопје), Славица Галиќ Петровска – сопран, Нада Талевска Спасовска (сопран) и Андреј Наунов – пијано (фоаје на МОБ). Ќе се одржи концерт на ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ (МНТ), џез-концерт на Артур Дуткиевич Трио на 12 ноември (Дом на АРМ), концерт по повод 135 години од раѓањето на Бела Барток (Музеј на град Скопје), Тели Елена Роудс (сопран од САД), која ќе настапи во Музеј на град Скопје на 15 ноември, 21 ноември – концерт на студентите на Факултетот за музичка уметност, 22 ноември – концерт во чест на Георги Божиков, 23 ноември – светска премиера на балетската претстава „Клеопатра“ (МОБ), 30 ноември – концерт посветен на 30 години уметничка дејност на Страшо Темков – флејта.