Сириски реставратор одново ги подига на нозе вековните знаменитости на Алепо, уништени во граѓанската војна
- Бедеви раскажа дека неговото прво искуство за итна интервенција во воениот период било во еден манастир стар 150 години, кој се наоѓа во рамките на Италијанската болница во Алепо
Mehmet Burak Karacaoğlu, Ömer Koparan
19 Јуни 2026•Ажурирано: 19 Јуни 2026
photo: Bakr Al Kasem / AA
АЛЕПО
Културното наследство на Алепо, еден од градовите што беше место на најтешките разурнувања за време на граѓанската војна во Сирија и беше на прагот на исчезнување под бомбите и судирите, благодарение на напорите на реставраторот од Алепо, Нимет Бедеви, одново оживува, пишува Анадолу.
Бедеви во Италија специјализирал византиска, грчка уметност и иконографија, па така пред почетокот на граѓанската војна во 2011 година на заедницата ѝ понудил уметничко образование што го следеле стотици ученици, одбивајќи да го напушти градот каде што е роден и израснат и покрај сите тешкотии.
Од приватни колекции до катедрални куполи, од вековни уметнички слики до црковни икони, Бедеви со голема посветеност реставрира стотици дела во нивната изворна форма, со цел со љубов да ги пренесе на идните генерации.
- Реставриран манастир стар 150 години -
Во изјавата за Анадолу, Бедеви рече дека од своето детство е во постојан допир со уметноста, а со почетокот на граѓанската војна, надвор од самото создавање уметност, спасувањето на историските дела го гледа како хуманитарна и културна должност.
Фотографија : Bakr Al Kasem/AA
Бедеви раскажа дека неговото прво искуство за итна интервенција во воениот период било во еден манастир стар 150 години, кој се наоѓа во рамките на Италијанската болница во Алепо.
Сеќавајќи се на деновите во првиот период од војната, тој вели дека ја презел задачата да го спаси историскиот манастир, чиј ѕид и таван се урнале како резултат на ракетен напад. Бедеви рече: „Таванот беше изработен во барокен стил, насликан од еден малку познат уметник од Алепо. Заедно со мојот брат Бешир успеавме да го спасиме тој простор, да го реставрираме и во голем дел повторно да го насликаме.“
За време на воениот процес откриле многу културни богатства на Алепо кои останале скриени или биле заборавени во лоши услови по магацините. По големата побарувачка од страна на црквите, манастирите и сопствениците на приватни колекции, тие ги забрзале реставраторските работи во просторите кои ги претвориле во лаборатории.
– „По пожарот во катедралата Нотр Дам во Париз, имав можност да оставам свој уметнички белег“ -
Овие благородни напори за спасување на историските ризници на Алепо набрзо го привлекоа вниманието и на меѓународната уметничка јавност.
Фотографија : Bakr Al Kasem/AA
„Бевме поканети на конференција организирана од Музејот Лувр, на која учествуваа реставратори од различни земји во светот. Поради клучната улога што ја презедовме во спасувањето на историските дела во Алепо, пред меѓународната јавност ја претставивме нашата долгогодишна макотрпна работа преку документи, фотографии и видеозаписи. Како плод на тоа признание, по трагичниот пожар во катедралата Нотр Дам во Париз, добив можност да оставам свој уметнички допир таму. Бев задолжен да ја насликам иконата на Свети Игнатиј Антиохиски, кој ги претставува регионот на Антиохија и мојата Сирија“, вели Бедеви.
- Дело што ја одразува драмата на Алепо -
„Во ова дело има една тага кон овој град каде што има напластени и распарчени куќи. Едно од парчињата дрво што ги користам во делото потекнува од остаток од плакар од урнатините на една разурната куќа; другото, пак, е од куќата на мојот брат која беше погодена од ракета. Поминувајќи низ улиците на стариот Алепо, низ уништените подрачја, собирам завртки, шарки, како и шрапнели од ракети и бомби. Овие кородирани метали го претставуваат истрошувањето на човекот во овој град, кој исто како тие железа се измачува и речиси се претвора во шрапнел.“
- Тешките реставраторски процеси траат со месеци -
Бедеви вели дека реставрацијата на 300 години старите уметнички слики изработени на ленено платно понекогаш трае и повеќе од 6-7 месеци. Овој процес го опишува како макотрпно копање бунар со игла, каде што секој милиметар бара огромна прецизност и преголемо внимание.
До денес можат да се пофалат дека успеале да спасат дело од белгиски уметник од 1816 година во Маронитската катедрала, најголемата куполна слика на Блискиот Исток со површина од 700 квадратни метри во Сириската католичка црква, како и на многу дела стари што им припаѓаат на ерменски уметници.
- „Во овој уморен град веќе мора да дојде стабилност“ -
„Напорите за зачувување на културното наследство на родниот град нема да стивнат“, вели Бедеви, и продолжи:
„Денес, мојата најголема цел, пред сè, е во овој уморен град да дојде стабилност. Без оглед на политичките ставови, оваа 15-годишна војна веќе ги исцрпи луѓето, сите се уморни. Се надевам дека економската ситуација ќе се стабилизира, дека луѓето во светот одново ќе се насочат кон работата и образованието и дека умовите ќе се отворат. На оваа земја веќе ѝ е потребно тоа.“
Сириски реставратор одново ги подига на нозе вековните знаменитости на Алепо, уништени во граѓанската војна