Капали-чаршија, срцето на трговијата во Истанбул над 550 години, пречекува милиони посетители
- Агенција Анадолу ја пренесе приказната за Капали-чаршија, која повеќе од 550 години е центар на трговијата, а со својата историска архитектура, покриените пазари и анови секојдневно пречекува милиони посетители
Kazım Kaan Ulu, Mücahit Enes Sevinç
19 Јуни 2026•Ажурирано: 19 Јуни 2026
photo: Arif Hüdaverdi Yaman / AA
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Управниот одбор на Капали-чаршија, Илхами Јазиџи, вели дека бројот на дневни посетители на Капали-чаршија во вообичаените денови достигнува речиси 400 илјади, додека за време на празниците и специјалните периоди се искачува и до 4 милиони луѓе, јавува Анадолу.
„Капали-чаршија е местото каде што пулсира економијата. Ова е место каде што во секоја уличка има трговци и производители. Ова е лулката на најстарата трговија.“
Агенцијата Анадолу ја пренесе приказната за Капали-чаршија, која повеќе од 550 години е центар на трговијата, а со својата историска архитектура, покриените пазари и анови секојдневно пречекува милиони посетители.
Претседателот на Управниот одбор, Илхами Јазиџи, за Анадолу раскажа дека Капали-чаршија е првата чаршија во светот.
Фотографија : Arif Hüdaverdi Yaman/AA
„Во вообичаени денови, Капали-чаршија во просек ја посетуваат околу 350-400 илјади луѓе дневно. За време на викендите, оваа бројка се движи околу 700-800 илјади посетители на ден. Додека, пак, за време на Бајрам и во периодот на Велигден, чаршијата ја посетуваат од 2,5 до 4 милиони луѓе дневно“, вели тој.
Раскажувајќи за дуќаните во чаршијата, Јазиџи рече: „Заедно со безистените Џевахир и Сандал, Капали-чаршија брои 2.550 дуќани, а кога ќе се вбројат и околните анови, тука има вкупно околу 4.300 дуќани. Кога првпат зачекорив во Капали-чаршија во 1981 година, секоја улица си имаше своја приказна. Имаше улица на килимари, златари, улица за папучи, завеси, венчаници, па дури се продаваше и мебел.“
Фотографија : Arif Hüdaverdi Yaman/AA
„Во минатото, во чаршијата доаѓале муштерии што се подготвувале за свадби дури и од најдалечните истанбулски области како Тузла и Силиври“, вели Јазиџи, а денес Капали-чаршија го промени своето руво и стана уште поавтентична и потуристичка чаршија со своите златари, продавници за сувенири, рачно изработени килими, кафулиња и текстилни производи.
– На покривот на чаршијата поминуваат околу 300 посетители секој ден –
По реставрацијата што започна пред 6 години на вкупна површина од 44 илјади квадратни метри во Капали-чаршија, покривниот дел е целосно уреден.
„Со завршувањето на нашата реставрација, покривот го отворивме како за нашите граѓани, така и за туристите.
Овде дневно примаме околу 300 посетители. Влегуваат во групи од по 10 лица. Групите што ги водиме се осигурени и во придружба на водич и обезбедување, тие безбедно ги шетаат сите пешачки патеки околу чаршијата и ја завршуваат својата посета. Прават прекрасни фотографии со панорамскиот поглед на џамиите Нуруосманије и Бејазит кои се издигнуваат зад нас.“
Фотографија : Arif Hüdaverdi Yaman/AA
Со посетата на туристите на покривот, за чаршијата се обезбедува дополнителен приход, бидејќи туристите што доаѓаат ја рекламираат чаршијата, но и пазаруваат во неа, од што се задоволни и самите дуќанџии.
Јазиџи посочи дека Капали-чаршија има голем број порти: „Вкупно има 23 порти. Од овие порти, 21 активно се користат. Главните порти за занаетчиите се отвораат во 7:30 часот, додека за останатите гости се отвораат во 08:30 часот.“
Потсетувајќи на Плоштадот за молитва, кој се издвојува како еден од најважните симболи на „традицијата на еснафите“ што се одржува веќе 550 години од денот на отворањето на чаршијата, каде што занаетчиите ги отвораат своите дуќани со молитва, Јазиџи рече: „Ова беше местото каде што заедно тргуваа Сиријците, Ерменците, Евреите, Грците и муслиманите. За време на османлискиот период, во петок, на овој Плоштад за молитва се кажувала молитвата. Ние ја продолжуваме оваа традиција за да бидат благословени домаќинствата на нашите занаетчии.“
Во Капали-чаршија, центар на вниманието на туристите се рачно изработените вазни, чинии и слични производи кои се по потекло од Изник - област позната по својата керамика. Посетителите што доаѓаат во чаршијата и ги проучуваат овие уметнички дела велат дека многу ги сакаат турските јадења, но и историјата, нагласувајќи дека Капали-чаршија е една од најубавите чаршии во целиот свет.