Кафето од Харар: Вековна традиција од татковината на кафето што го освои светот
Овој вид кафе созрева бавно, благодарение на сувата клима и минималните врнежи, како и на географската положба на регионот на висока надморска височина, што овозможува поинтензивно апсорбирање на сите минерали од почвата во самото зрно
İrem Demir
18 Јуни 2026•Ажурирано: 18 Јуни 2026
photo: Fatma Nur Arslan / AA
ХАРАР
Светски познатото кафе „харар“, кое расте во Етиопија — татковината на кафето, со својата интензивна арома, уникатен вкус и со векови непроменетите традиционални навики на консумирање, е дел од културното наследство, пишува Анадолу.
Кафето што расте во градот Харар, во источноафриканската земја, созрева бавно и на самите дрвја благодарение на сувата клима и минималните врнежи, како и на географската положба на регионот на висока надморска височина.
Овој процес на бавно растење му овозможува на растението поинтензивно да ги пренесе сите минерали од почвата во самото зрно и да го зголеми природното ниво на шеќер во плодот.
Фотографија : Fatma Nur Arslan/AA
Одгледано со природни и традиционални методи, без употреба на индустриски пестициди и вештачки ѓубрива, во периодот на жетва кафето рачно го собираат локалните земјоделци. Собраните плодови потоа се оставаат да се сушат директно под сонцето.
Откако ќе се исушат, зрната кафе се класифицираат според нивната големина и квалитет, па дел од нив се нудат на локалниот пазар, а дел се извезуваат во специјализираните претпријатија за кафе во светот.
Познато по својот долготраен вкус што го остава на непцето, кафето харар, освен за подготовка на еспресо и филтер-кафе, може да се сомеле и до текстура на прав за да се подготвува во ѓезве, совршено приспособено на традиционалниот начин на варење турско кафе.
Ова посебно зрно, кое често се консумира на глобалниот пазар, во регионот каде што се одгледува се подготвува со користење на многу различни традиционални техники, станувајќи дел од секојдневниот живот.
- „Во Харар кафето го консумираме на 4 начини“ -
Созит Мефтух, којa живее во Харар, во изјава за Анадолу рече дека во овој регион кафето го користат на четири различни начини.
Првиот и најтрадиционалниот начин е печење на зрното кафе, па потоа негово варење и пиење, но Мефтух раскажа дека како втор начин тие ја користат и лушпата на зрното.
Фотографија : Fatma Nur Arslan/AA
„Лушпата сама по себе е празна. Ги земаме оние зрна кафе кои не се целосно оформени и нивната лушпа ја користиме во две различни пригоди. Се подготвува за време на среќни мигови, како што се свадбите, но и во денови на тага, во периоди на жалост“, вели таа.
Но тие од кафето подготвуваат и јадење така што го мешаат со путер и шеќер. „Како трет начин на употреба всушност лушпите од кафето ги користиме и во чај со млеко. А како четврти начин, ги користиме неговите лисја. Лисјата генерално ги користиме за време на големи и свети денови, како и за време на верски празници додека се молиме. Ги вариме лисјата и ги подготвуваме во форма на чај. На овие четири начини го консумираме кафето тука во Харар.“