култура и уметност

Почна 37. издание на „Скопскиот џез-фестивал“

По Хокинс, на првата фестивалска вечер настапи и познатиот американски саксофонист Дејвид Мареј со неговиот квартет, кој заедно со раперот и поет Сол Вилијамс го претставија проектот „Blues for Memo“.

Admir Fazlagic  | 19.10.2018 - Обновена : 20.10.2018
Почна 37. издание на „Скопскиот џез-фестивал“ (Foto: Admir Fazlagic/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Со настапот на британскиот џез-пијанист Александер Хокинс, во Македонската опера и балет (МОБ) вечерва почна 37. Скопски џез фестивал, јавува Anadolu Agency (AA).

Првата фестифалска вечер ја посетија бројни посетители, а Оливер Белопета, директорот на Скопскиот џез-фестивал ја поздрави присутната публика и ја претстави програмата на фестивалот. Зборувајќи за главните одлики по кои годинашниот, 37-ми фестивал, се разликува од минатите изданија, Белопета рече дека годинава ќе доминира современиот џез, а музичарите што учествуваат на фестивалот, специјално ќе дојдат за фестивалот и нивните концерти.

Џез-пијанистот Хокинс, со чиј настап започна фестивалот, се смета за еден од најиновативните и најимагинативните британски пијанисти и композитори, покрај солистички настапи има и широк спектар креативни контексти, вклучувајќи го и компонирањето за неговиот квартет и ансамбл, како и во проекти на современи музички лидери. Неговите концертни ангажмани му донесоа настапи на големите клупски, концертни и фестивалски сцени низ светот.

По Хокинс, на првата фестивалска вечер настапи и познатиот американски саксофонист Дејвид Мареј со неговиот квартет, кој заедно со раперот и поет Сол Вилијамс го претставија проектот „Blues for Memo“.

На полноќниот концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ) настапи бразилскиот гитарист Арто Линдзи, во придружба на норвешкиот тапанар Паал Нилсен-Лав, кој според организаторите, се смета за еден од најактивните и најпродуктивните скандинавски музичари во последните две децении.

На последната фестивалска вечер Тони Китановски со концерт ќе одбележи 30 години музичка кариера. Тој ќе настапи прво со својот најнов проект, квинтетот „Панда 5“, промовирајќи го во живо новиот албум „Big City Scare“, а во вториот дел ќе му се придружат неколку негови музички пријатели и соработници.

До недела, 21 октомври, на програмата се четири концерти во терминот од 20 часот во МОБ и три полноќни во Дансинг салата на Младинскиот културен центар.

Скопскиот џез фестивал е една од водечките културни манифестации во Македонија, со традиција од 37 последователни години и со извонредна репутација во Европа и во светот. Се вбројува меѓу водечките џез фестивали во Европа.

Фестивалот започна во 1982 година, а во неговата историја се впишани настапите на најславните имиња на американскиот и европскиот џез, на латино-американската и африканската музика, како и најдобрите македонски музичари. Скопските џез фестивал е член на престижната асоцијација „Европска џез мрежа“ (Europe Jazz Network).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın