Admir Fazlagic
25 Мај 2017•Ажурирај: 26 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Четиридневниот 16. ОфФест вечер започна во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје со соло-настап на Дамир Имамовиќ од Босна, еден од најпознатите изведувачи на севдах кој е и интернационално афирмиран, јавува Anadolu Agency (AA).
На самиот почеток Имамовиќ го изрази своето задоволство што има можност да настапува во Скопје и во наредните два часа приреди вистинско уживање пеејќи севдалинки на начин специфичен за овој познат интерпретатор.
Дамир Имамовиќ е роден во Сараево и потекнува од семејство на традиционални пејачи на севдалинки – босанска музика исполнета со меланхолија, копнеж и мечтаење. Кaко посветен истражувач на севдахот, едукатор и продуцент, преку истражување на перцепциите на оваа етаблирана стара култура, тој создава нова култура базирана на традициите.
„Неговата скорешна соработка со продуцентот Крис Екман, американски гитарист познат по ангажманот во групата Walkabouts и соосновач на издавачката куќа Glitterbeat Records, резултира со приемчива музика која го претставува севдахот пред поширока публика. Со својата специјално изработена тамбура, Дамир создава специфичен спој од музика и стихови кои се поврзани со идејата за севдах", соопшти ОфФест.
По настанот на Имамовиќ, следуваше концертот на македонскиот етносостав „Љубојна“ кои ќе го промовираат новиот, деветти албум „Радио Љубојна“.
„Оф-фест“ е дел од Европскиот Форум на светските музички фестивали.