Süleyman Elcin
24 Декември 2015•Ажурирај: 26 Декември 2015
АНАТАЛИЈА (АА) - Сирискиот скулптор Џамил Џача е во бегство во Турција, каде ја продолжи својата уметничка работа во рудникот за мермер за да повторно ја создаде колекцијата и музејот по примерот на оние кои терористите на ДАЕШ му ја уништиле во родната Сирија, јавува Anadolu Agency (АА).
Во текот на четири-децениското работење со вајарство во Сирија, Џамил отвори своја сопствена галерија со богата колекција на уметнички дела, но по нападот на терористичката организација ДАЕШ беше принуден со неговата сопруга и двете деца да го напуштат својот дом и да избегаат во соседна Турција.
Терористите на овој уметник целосно му го уништија домот, галеријата и му ја украдоа целата уметничка колекција. Во изјава за новинарите, Џамил истакна дека во Сирија сите изработени скулптури ги изложувал во големи галерии во Холандија, Франција, Кувајт и Јордан.
"По пристигнувањето во овој рудник видов дека има камен кој стана мојот извор на инспирација. Почнав да изработувам скулптури како оние во античкиот град Кремна кој се наоѓа во близина на рудникот. Среќен сум што дојдов тука, откако бев протеран од Сирија. Не ми е важно само да бидам слободен, туку да имам и уметничка слобода", рече Џамил.
Еден од газдите на рудникот за мермер Сулејман Аксој вели дека Џамил во рудникот дошол по препорака на еден Сириец кој работи во таа фирма.
"Неговите дејства покажуваат дека се работи за исклучително квалитетен уметник. Ние му понудивме да остане тука, а тој прифати. Сега ни покажува една друга димензија на каменот кој со години го вадиме од рудникот", рече Аксој.