Admir Fazlagic
09 Јуни 2016•Ажурирај: 10 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, и организаторите на Баскерфест на денешната прес-конференција ги највија содржините на годинашново издание на уличниот фестивал кој од 10 до 19 јуни ќе се одржува во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ги повикувам граѓаните на Скопје да дојдат на Плоштад Македонија и 10 дена да уживаат во настапите на искусните жонглери, акробати, танчери, магионичари, кловнови, илузионисти и музичари што се дел о фестивалот Баскерфест 2016. Уличниот театар под отворено небо веќе 11 години носи позитивни вибрации во нашиот град со настапите на атрактивни баскер изведувачи од целиот свет. Од утре ,10 јуни, па се до 19 јуни, во Скопје на Плоштад Македонија, посетителите секојдневно од 19 часот, па се до доцните вечерни часови ќе имаат можност да се забавуваат и дружат заедно со над 100 артисти од целиот свет: Мексико, Бразил, Јапонија, Америка, Нов Зеланд, Шпанија и други држави. Програмата ќе се одвива на три бини, а во вечерните часови на истото место планирани се настапи на повеќе музички групи и пивска градина", изјави Трајановски.
Тој информираше дека фестивалот во Скопје е под покровителство на Град Скопје кој го поддржуваат со 900.000 денари.
Организаторите на Баскерфест најавија дека Фестивалот ќе го отворат: магионичарот и илузионист Мистер Бугинага, светски познатиот танчар Суад Демировиќ и германскиот мајстор за комедија, Вили Вондер. Исто така, ја најавија парадата составена од учесници на фестивалот што ќе тргне од пред хотел Бристол и движејќи се по улица Македонија ќе стигне до Плоштад Македонија, како и новитетот годинава - „Галерија под отворено небо“ на која уметници од нашава земја ќе можат да ги изложат своите дела.
И годинава за најмладите ќе има детско катче, односно детска креативна работилница каде што децата ќе можат да се забавуваат и да ги покажат своите таленти. Во склоп на „Баскерфест“, во сабота 11 јуни, на „Градска Плажа Парк“ ќе се одржи и „One Day Fest“, спектакуларна забава со пена и учество на многу баскер артисти.
Баскерфест годинава ќе се одржува и низ 10 градови во Македонија. Секој град барем неколку денa ќе има можност да ја доживее магијата на уличната уметност. Баскерфест 2016 започнува утре, 10 јуни, а ќе трае се до 13 јули, односно еден месец.