Dilara İrem Sancar
17 Април 2026•Ажурирај: 17 Април 2026
Во срцето на турскиот град Анкара, 34-годишниот кројач Зија Пинарбаши прави нешто што наликува на уметничко чудо, тој ги буди заборавените везени ќебиња, килими и завеси од старите ковчези и ги претвора во уникатна облека, која потоа ја носи на градските улици како жив споменик на едно минато време, пишува Анадолу.
Пинарбаши, кој веќе 20 години со љубов го работи кројачкиот занает во својот дуќан во населбата Кизилај, пред две години решил на својата професија да ѝ даде нова душа.
Преку својот профил „Armağan Terzi“ на социјалните мрежи, облечен во своите уникатни креации, тој ги споделува дизајните што носат мирис на спомени, привлекувајќи илјадници следбеници што во неговата работа не гледаат само мода, туку чувар на културното наследство што дава и значаен придонес кон одржливата мода.
Облечен во своите колоритни и автентични креации, Пинарбаши во изјавата за Анадолу вели: „За разлика од колегите, јас решив моето име да го градам преку рециклирање. Ги користам предметите што со години стојат заборавени во домашните ковчези, а кои луѓето немаат срце да ги фрлат. На тој начин не само што им вдахнувам нов живот, туку создавам и сосема уникатни дизајни.“
Сè започнало со едно старо, користено ќебе од ковчегот на мајка му. „Направив елек од ќебе старо 30 години. Тоа ќебе беше дел од моето детство, дел од моите спомени. Кога го споделив елекот на социјалните мрежи, интересот беше огромен. Во тој елек луѓето пронајдоа дел од сопствената историја.“
Пинарбаши раскажа дека ги искористил и другите делови од ќебето и дизајнирал панталони, а. парчињата што недостасувале ги дополнил со различни материјали и додатоци. Истакнувајќи дека за изработка на своите дизајни користи кожа, различни текстури и традиционални мотиви, тој забележа дека финалните производи чекорат паралелно со модерните кроеви, но во секој шев ја чуваат топлината на традиционалното.
- „Oд перниците на баба ми скроив кошула” -
За Пинарбаши, секое парче материјал носи тежина на еден цел живот. „Направив кошула од старите перници на баба ми. Од ѕидните килими што ги красеа нашите домови дизајнирав палта и јакни. Ги користев дури и ткаенините што мајка ми ги везела во младоста на светлина од газиена ламба. Тие парчиња не се само платна, тие со себе носат огромен труд и бесценети спомени.“
Истакнувајќи ја важноста на рециклирањето, како од економска, така и од еколошка перспектива, тој додаде: „Не фрлам ништо што излегува оттука. Дури и најмалото парче може да биде совршен дополнителен елемент во некој друг дизајн. Овој пристап не само што спречува да се потрошат ресурсите и отпадот, туку ја поттикнува и креативноста“, изјави тој.
Додека чекори низ улиците на Анкара во своите креации, Пинарбаши предизвикува насмевки и восхит. Негова цел е традиционалните мотиви да не останат заклучени во темни соби, туку да излезат на сонце. „Ова се нашите национални вредности. Не сакам само да ги чувам, сакам да ги носам и да ги покажам за да ги види светот. Сакам луѓето да не го забораваат своето минато, да знаат од каде потекнуваат.“
Негов голем сон е еден ден, на меѓународно ниво, да ги прикаже турските мотиви и традиција преку голема модна ревија. Како горд граѓанин, тој сака целиот свет да ја слушне приказната за неговата историја и традиција раскажана преку иглите и конците на неговата машина за шиење.