Yusuf Özcan
26 Декември 2021•Ажурирај: 27 Декември 2021
ПАРИЗ (АА) - ЈУСУФ ОЗЏАН -
Уметницата Алев Ебузија, која од глина изработува разновидна керамика, рече дека е импресионирана од она што го научила од своите предци и дека нејзините уметнички дела се уникатни и имаат вкус на анадолската цивилизација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ебузија е добитник на овогодинешната Голема награда за култура и уметност што во областа на визуелната уметност ја доделува Претседателството на Турција, а во интервју за АА истакна дека уметноста на изработка на предмети од керамика го претставува нејзиниот живот и дека со ништо друго не се занимавала.
„Оваа уметност го претставува мојот живот. Никогаш во животот не сум работела ништо освен керамика. Јас всушност сакав да бидам скулптор. Сакав да бидам ученик на Илхан Коман. Бидејќи тој не дојде на академијата, решив да се посветам на керамиката. Го работев тоа со љубов. Работев во уметнички работилници, но кога не можев да напредувам понатаму, на крајот на 1962 година заминав во Данска и почнав да работам таму“, рече Ебузија.

Со оглед на тоа што никогаш не се фокусирала исклучиво на одредена тематика и дека нејзините дела се безвременски садови, Ебузија рече дека керамиката е навистина едно од најстарите занимања и дека и таа се занимава со тоа веќе шест децении.
„Среќна сум што моите дела можат да се наречат безвременски. Причината за тоа не е што не работев конкретна тема, ниту произволно го давав тоа име, туку затоа што моите уметнички дела оставаат таков впечаток“, изјави Ебузија.
- Бремето на семејното наследство -
Нагласувајќи дека потекнува од познато семејство и дека се труди одговорно да го носи бремето на семејното наследство, Ебузија рече дека нејзиниот татко и дедо оставиле длабока трага во турското новинарство.
„Нашата куќа отсекогаш беше полна со интересни луѓе. Доаѓаа писатели, сликари, скулптори и други. Имав прекрасно детство. Она што го научив од моето семејство секогаш имаше влијание врз мене. Да не бев Турчинка, не ќе можев да го работам ова ниту овде ниту во Данска. Но, тоа што сум Турчинка и тоа што отидов во Данска многу ми помогна. Успеав да најдам начин да ги пренесам сите мои искуства со јазикот на уметноста. Делата немаше да бидат вакви ако останев Турчинка во Турција, ниту пак, да бев Данкинка која живее во Данска“, рече Ебузија.
Таа го дефинира процесот на авантура од глина до сад и нејзината средба со љубителите на уметноста како процес полн со страв и сомнеж и рече дека може да произведе максимум 30 до 35 дела годишно бидејќи станува збор за напорна работа што бара многу труд и трпение.

Објасни дека поголемите садови треба да се сушат и до два месеца, а потоа да се печат на високи температури, а после финално да се уредат.
Нејзините дела се наоѓаат и во престижните колекции на кралските палати во Данска и Велика Британија, а таа за АА изјави дека уметничката вредност и убавината е препознаена низ целиот светот.
„Кога ја отворив првата изложба во Данска, луѓето не знаеја како да го перципираат она што го правам. Затоа што во тие години тие воопшто не ја познаваа турската култура и древната анадолска цивилизација. Потоа, сите сфатија дека имам важен корен од сопствената култура“, рече Ебузија.
Истакнувајќи дека во светот на уметноста не е вреднувана како Турчинка или како Данкинка, туку исклучиво поради вредноста на нејзините дела, Ебузија рече дека нејзините дела имаат вкус на анадолската цивилизација и дека се уникатни, што го потврдиле и многу критичари.
- Државни признанија во три земји-
Ебузија штотуку ја прими Големата награда за култура и уметност на Турција, а пред десетина години доби и витешки одликувања во Данска и Франција.
„Задоволство е да се добијат награди во три држави. Секако, ја сакам наградата од мојата родна Турција. Мило ми е што сум достојна за таква награда“, изјави Ебузија.
Таа понатаму во разговорот рече дека е задоволна сè додека секое нејзино наредно дело е подобро од претходните и додека нејзините изложби се подобри од претходните. Во тек се подготовките за нејзината голема изложба во Лондон, а нејзината крајна цел е да остави трага и да ја промовира уметноста со која се занимава.