Музејот на исламските цивилизации во Истанбул – спој на традицијата и технологијата
- Музејот стана вистинска атракција за време на светиот месец Рамазан со својата технолошка инфраструктура што ги поврзува традиционалното и модерното...
ИСТАНБУЛ (АА) - Музејот на исламските цивилизации, сместен во комплексот на Големата џамија Чамлиџа во Истанбул го обединува традиционалното наследство со технологијата на иднината, јавува Анадолу.
Под закрилата на Претседателството на националните палати, овој храм на културата стана вистинска атракција за време на светиот месец Рамазан со својата технолошка инфраструктура што ги поврзува традиционалното и модерното, како и со уникатните артефакти кои за првпат се извадени од депоата.
Инвентарот на музејот, кој привлекува посетители од Турција и од странство, содржи бесценета колекција: од свети реликвии на божјиот пратеник Мухамед до рачно напишани Курани од османлискиот период, од ретки примероци на турската ткајачка уметност до изуми кои ја осветлуваат историјата на науката и технологијата.
Во центарот, каде што традиционалните поставки се преплетуваат со модерната технологија, особено голем интерес предизвикува дигиталната проекција под куполата. Интерактивните екрани, кои ја претвораат естетиката на исламската архитектура во визуелен спектакл, им нудат на посетителите можност одблизу да ги запознаат приказните на делата.
Музејот ги пречекува своите посетители и со одделот за калиграфија, каде што се изложени ремек-дела од традиционалните уметности како хуснухат (арапска калиграфија), илуминацијата, ебру (сликање на вода), како и со збирки од керамика, берати (султански декрети), фермани и колекции поврзани со турската ткајачка уметност.
- „Посетителите на џамијата покажуваат голем интерес и за нашиот музеј“ -
Директорот на музејот, Незих Ертуг, во изјава за дописникот на Анадолу (АА) вели дека ја извршува оваа функција од самите почетоци на основањето и појасни дека музејската зграда е подигната на два ката со површина од околу 11.000 квадратни метри.
Нагласувајќи дека тука за првпат се изложени вредни дела од складиштата на националните музеи, пред сè од палатите Топкапи и Долмабахче, како и од Археолошкиот музеј, Ертуг додаде:
„Овие скапоцени артефакти ги групираме во околу 11 категории. Нашите најстари дела се состојат од вредни документи напишани на пергамент од 6 и 7 век, познати како 'Дамаски документи'. Имаме и некои вредни дела од периодот на Мамелуците. Се разбира, во нашиот музеј се изложени и многу ретки дела од османлискиот период. Тука изложуваме и материјали особено на база на текстил од поновиот период. Поради самиот назив 'Исламски цивилизации' и фактот што се наоѓаме под Големата џамија Чамлиџа, музејот е домаќин и на скапоцени дела од религиозно значење.“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
