Ahmet Esad Şani
23 Август 2022•Ажурирај: 25 Август 2022
ИСТАНБУЛ
Самостојната изложба „Циклус 19“ на академската сликарка Христина Зафировска е отворена за љубителите на уметноста во Истанбул, Туркије, известува Агенција Анадолија (АА).
На изложбата, што е отворена во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во квартот Таксим во Истанбул, претставени се избрани 19 дела на тема „Ковид“, што ги прикажуваат промените во животниот стил предизвикани од епидемијата.

Зборувајќи на отворањето, Афет Јашари, потсекретар за културно наследство во Министерството за култура на Република Северна Македонија, истакнувајќи ја важноста на изложбата, рече: „Горди сме што оваа изложба имаат можност да ја проследат љубителите на уметноста во Истанбул, место во кое се соединуваат културите. По периодот во кој поради епидемијата не можеше да се спроведуваат културни активности низ целиот свет, со подобрувањето на условите, ние како Министерство за култура на Северна Македонија ќе им отстапиме повеќе простор на ваквите културни активности кои се значајни за човештвото.“
Рамадан Рамадани, директор на Културно-информативниот центар на Северна Македонија, информирајќи ги гостите во врска со изложбата, истакна дека уметничката со циклусот од 19 дела, на апстрактен и сликовит начин ги прикажува промените во животниот стил и реалноста предизвикани од епидемијата.
- „Изложбите добиваат на значење со посетителите“
Уметничката Христина Зафировска, во разговор за Агенција Анадолија (AA) по отворањето, го изрази своето задоволство што е во Истанбул.
Уметничката, заблагодарувајќи им се на Министерството за култура на Северна Македонија, на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Истанбул, на поддржувачите на проектот и на оние кои дојдоа на отворањето, продолжи со зборовите: „Изложбите добиваат на значење благодарение на посетителите кои доаѓаат да ги видат делата. Се надевам дека на оние кои ќе дојдат на изложбата, ќе им се допадне мојата работа.“
Зборувајќи дека своите уметнички активности ги продолжува во Скопје, каде што е родена, израснала и ликовно се образувала, Зафировска истакна дека уште од детството чувствувала поврзаност со светот на уметноста, по што прво почнала со мали истражувања, а потоа студирала уметност.
- „Моите дела го опишуваат процесот на епидемијата“
Зафировска изјави дека уметноста е дел од нејзиниот живот уште од мала и дека се чувствувала како дел од светот на уметноста.
Посочувајќи дека повеќе претпочита себеси да се изразува преку сликарството, уметничката подвлече дека на ова поле работи 15 години и се труди да го направи тоа најдобро што може.

Информирајќи дека делата од изложбата за прв пат биле изложени во Северна Македонија минатата година, а сега се среќаваат со љубителите на уметноста во Истанбул, уметницата Зафировска рече:
„Правам циклуси. На ова работам последните 2 години. Моите дела го опишуваат процесот на епидемијата. Сите ние ги доживеавме овие чувства. Не комунициравме со луѓе, бевме изолирани во своите домови, се плашевме да не се заразиме со вирусот и да не се разболиме, а оваа панична ситуација веќе, со овие циклуси, почна да исчезнува од нашите животи.“
– За изложбата
Изложбата, што ќе може да се посети еден месец, опфаќа избор од 19 дела поврзани со процесот Ковид-19, изработени врз дрвена подлога со акрилна техника.
Во делата на Христина Зафировска, во кои таа отсликува нови фантастични форми што одговараат на фигуративната структура на вирусот, малите формати кои ја симболизираат микроскопската големина на вирусот се дефинирани со мали парчиња кои продираат во површината.