Ivana Ramadanova
15 Јуни 2016•Ажурирај: 16 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Од вечерва па се до 18 јуни, во Скопје и Охрид ќе се оддржи деветтиот Француски филмски фестивал кој е во организација на Амбасадата на Франција и Францускиот институт а со поддршка на Министерството за култура, јавува Anadolu Agency (AA).
Овогодинешното издание на Францускиот филмски фестивал започна со филмот „Патот за Истанбул“ на алжирскиот режисер Рашид Бушареб. Директорката на францускиот институт во Македонија Изабел Мрки Барбо, истакна дека овој фетивал е извонредна идеја која ќе овозможи да се привлечат младите генерации кон филмот.
„Францускиот филмски фестивал претставува престижна француско-македонска манифестација и е значајна за македонската кинематографија, бидејќи дава можност да се зацврстат темелите на идната соработка меѓу францускиот и македонскиот филм, да се отворат нови можности за размена на уметници, продуценти, режисери, размена на искуства со земја која претставува лидер во европската кинематографија", изјави Барбо.
Според Астрид Ветнал, главната актерка во филмот „Патот за Истанбул“ пред почетокот на проекцијата посочи дека се работи за актуална приказна, поточно за силната врска помеѓу родителите и децата.
Филмот „Патот за Истанбул“ е приказна преку која се опишува како Елизабет оди во Сирија да ја бара својата ќерка која заминала во војна. Се надевам дека оваа приказна ќе допре до младите и дека сите заедно ќе се избориме што помалку да има вакви жртви, рече Ветнал.
На фестивалската програма се уште пет филма во Скопје („Страв“ и „Утре“, „Фатима“ „Лето“ и „Ни на небо ни на земја“) и три филма во Охрид кои ќе бидат прикажани во Центарот за култура „Григор Прличев“ („Каприс“, „Три срца“ и филмот „Судија“).
Гости на фестивалот се актерката Астрид Ветнал и режисерот Кристијан Венсан, како и претставници на Националниот центар за филм на Франција (CNC) - Жилиен Езано, советник за билатерална соработка на CNC, и Одре Бијар, директорка на фестивалот за краткометражни филови „Off-Courts“.
Тие во Агенцијата за филм на РМ во четврток ќе имаат средба со филмските професионалци од Македонија, а на Универзитетот ЕСРА попладнето ќе одржат работилници за студенти.
Оваа година во соработка регионот Нормандија ќе биде организиран и натпревар на куси видеа, каде лауреатот ќе ја има честа да биде дел од еднонеделниот престој во Нормандија на фестивалот за краткометражни филмови „Off-Courts“.