Admir Fazlagic
13 Октомври 2016•Ажурирај: 14 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) – Со настапот на францускиот пијанист со балканско потекло Бојан Зулфикарпашиќ, во Македонскиот народен татар (МНТ) вечерва започна 35. издание на „Скопскиот џез фестивал", јавува Anadolu Agency (AA).
Најпрвин, на многубројната присутна публика и се обрати директорот на „Скопскиот џез фестивал", Оливер Белопета, кој ги поздрави присутните и ја претстави програмата на фестивалот.
По обраќањето на Белопета, публиката имаше можност да ужива во настапот на пијанистот Бојан Зулфикарпашиќ, кој важи за истакнат џез музичар, за што сведочат и неговите награди од кои може да се издвои наградата „Џанго Рајнхарт“ за музичар на годината од Француската џез академија, а во 2005 година му беше доделена Европската џез награда за најдобар европски џез музичар.
Годинашното издание на фестивалот се одржува од 13 до 16 октомври во Македонскиот народен театар (МНТ), каде ќе има вечерна програма, а ќе има и два полноќни концерти во Младински културен центар Дансинг сала и во Сити хол центарот.
Во рамките на првата вечер, според програмата, предвиден е настап на светскиот виртуоз на гитара Џулиан Лаж со своето трио.
Втората фестивалска вечер е резервирана за бразилскиот гитарист и кантавтор Винисиус Кантуарија, кој во Скопје ќе го претстави својот најнов проект „Vinicius Cantuaria canta Antonio Carlos Jobim“ посветен на големиот бразилски музичар.
Според програмата, предвидено е истата вечер публиката да го чуе полското трио на пијанистот Марцин Василевски со гостинот саксофонист Јоаким Милдер.
Полноќната програма на фестивалот на 14-ти октомври ќе ја отвори светски популарната пејачка Џос Стоун, која е нарекувана и „принцеза на соул музиката."
Во рамки на третата фестивалска вечер, односно на 15 октомври, во МНТ ќе настапат два врвни авангардни џез состави – американскиот квартет „Made to Break“ и скандинавското трио „The Thing“.
Саботниот полноќен концерт е резервиран за македонскиот состав Гоце Стевковски септет, кој за оваа прилика ќе настапи со гостинот Џијан Емин.
На последната вечер, на 16 октомври, во недела, ќе биде претставен новиот проект на музичарот Питер Еванс на труба, со триото наречено„Pilverize the Sound“.
За крај концерт ќе има групата на францускиот саксофонист и вокалист Томас де Пуркери„Supersonic“, која последниве години се смета за најголемо откритие на европската џез сцена.
Покровител на „Скопскиот џез фестивал" е Министерството за култура на Република Македонија, а поддржувачи се Град Скопје, Амбасадата на САД во Македонија, Делегацијата на ЕУ во Македонија.