Во ОН отворена изложба на наградени фотографии од „İstanbul Photo Awards 2025“
- Со свечена церемонија е отворена изложбата на фотографии што освоија награди на „İstanbul Photo Awards 2025“, меѓународен натпревар за новинска фотографија организиран од Анадолу Агенција (АА), во седиштето на Обединетите нации (ОН) во Њујорк
 
                ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Со свечена церемонија е отворена изложбата на фотографии што освоија награди на „İstanbul Photo Awards 2025“, меѓународен натпревар за новинска фотографија организиран од Анадолу Агенција (АА). Настанот се одржа во седиштето на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, известува Анадолу.
На церемонијата на отворањето на изложбата, која се наоѓа во областа „1B Neck“ на ОН, присуствуваа постојаниот претставник на Турција во ОН, Ахмет Јилдиз, претседателот на одборот и генерален директор на АА, Сердар Караѓоз, директорот на визуелните вести на АА, Ајкут Унлупинар, директорот за маркетинг и развој на бизнисот на АА, Ерман Јуксел, директорката за стратегиски комуникации и управување со брендови на АА, Хазал Дуран, како и голем број амбасадори, дипломати, меѓународни претставници, академици, претставници на медиумите и други гости.

Генералниот директор на АА, Караѓоз, домаќин на настанот, во воведниот говор ги поздрави присутните со зборовите:
„Фотографиите ги доловуваат моментите што луѓето ги пропуштиле, го замрзнуваат она што другите претпочитаат да го заборават“.
Караѓоз нагласи дека во дигиталната доба каде што реалноста е изгубена, уметноста на фотографијата директно му се обраќа на срцето преку заеднички јазик и додаде:
„Низ историјата, новинарите и фоторепортерите го носеле овој морален товар. Тие не започнуваат војни, туку стојат на фронтот. Тие не предизвикуваат страдање, туку го снимаат за светот никогаш да не може да каже: ‘Никогаш не сме знаеле’.“
Нагласувајќи дека интегритетот на фоторепортерството мора да се почитува не само како професија, туку и како столб на демократијата, честа и вистината, Караѓоз продолжи со зборовите:
„Фотографијата понекогаш може да нè насмее или расплаче, но надвор од емоциите, таа често е доказ; доказ за животот, доказ за угнетувањето, а понекогаш и доказ за геноцидот. Како што неодамна повторно бевме сведоци во Газа, таа е доказ за она што навистина се случува.“
Караѓоз информираше дека приближно 20.000 фотографи поднеле повеќе од 200.000 фотографии за натпреварот „İstanbul Photo Awards“ од 2015 година и дека само за годинашниот натпревар добиле 22.000 апликации од целиот свет.

„Сè додека фотографиите го откриваат она што светот го игнорира, сè уште има надеж за вистината“, рече Караѓоз.
На крајот од својот говор, тој им се заблагодари на спонзорите за нивната поддршка на изложбата.
Ахмет Јилдиз, постојан претставник на Турција во ОН, рече дека прикажувањето на победничките фотографии од натпреварот „İstanbul Photo Awards“ во ОН има симболично значење и додаде:
„Ова е порака што ги нагласува основните принципи врз кои се основани ОН: мир, достоинство и почитување на човековите права. Нè потсетува дека зад секоја политика и секоја одлука стојат засегнатите човечки животи и приказни.“
Истакнувајќи дека секоја фотографија на изложбата го одразува споделеното човечко искуство, приказните за уништувањето и отпорноста, Јилдиз рече:
„Наградите за фотографија во Истанбул не само што им оддаваат почит на извонредните фотографи, туку го зајакнуваат и мостот помеѓу срцето и вистината, човештвото и надежта, идеи што лежат во основата на ОН.“

- „Оваа (изложба) е прекрасна прослава и на уметноста и на нејзината важност“
Меѓу истакнатите личности што присуствуваа на церемонијата на отворање беше Пол Баскоберт, претседател на групацијата Томсон Ројтерс, во која е вклучена и новинската агенција Ројтерс.
Во разговор со новинар на Анадолу Агенција (АА), Баскоберт изјави дека отсекогаш верувал во улогата на фоторепортерството во сведоштвото за вистината, наведувајќи дека фотографот не само што фотографира, тој во исто време ги доловува контекстот, емоциите и суштината на она што се случува и го споделува со светот.

Во врска со изложбата на „İstanbul Photo Awards“, Баскоберт рече:
„Ова е прекрасна прослава и на уметноста и на нејзината важност. Може да ја видите прекрасната работа тука, но и контекстот на емоциите на овие фотографии.“
Зборувајќи дека изборот помеѓу фотографиите на изложбата бил тежок, Баскоберт рече:
„Мислам дека фотографиите од Газа, секако, се тажни и навистина ја доловуваат приказната за уништувањето таму. Неверојатно е да се биде сведок на тоа.“
Баскоберт нагласи дека изложбата одразува широк спектар на емоции, од разиграни и интересни снимки до многу сериозни и длабоки фотографии.
По говорите на церемонијата, на која присуствуваа светски познати фотографи, како Волфганг Шван, Олга Федорова и Питер Хамбрехт, присутните имаа можност да ја разгледаат изложбата и подетално и да ги погледнат наградените фотографии.

- Приближно 22.000 фотографски пријави беа поднесени за натпреварот „İstanbul Photo Awards 2025“
Оваа година фотографи од 114 националности поднесоа приближно 22.000 фотографии на натпреварот „İstanbul Photo Awards“ што се организира единаесетта година. Како резултат на евалуацијата на меѓународното жири, 29 фотографи беа наградени во 10 категории.
Посетителите може да ги разгледаат фотографиите што документираат впечатливи глобални настани, од актуелните напади на Израел врз Газа до катастрофалните поплави во Источна Африка, од исландската вулканска ерупција до спортистите што се натпреваруваат на Олимписките игри во Париз 2024, од борбите на авганистанските жени до ослободувањето на затворениците од затворот „Седнаја“, од бразилските сурфери што се борат со големите бранови до опасните патувања на мигрантите.
Натпреварот оценуваше индивидуални и сериски фотографии во категориите вести, спорт, природа и животна средина, портрет и секојдневен живот. Детални информации за победничките фотографии може да се најдат на линкот istanbulphotoawards.com.
Оваа година натпреварот, организиран со Турксел како комуникациски спонзор, е поддржан од Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) како меѓународен спонзор на настанот и од Туркиш ерлајнс (ТХЈ) како спонзор на транспортот.
По Анкара и Истанбул, наградените фотографии ќе бидат изложени во седиштето на ОН во Њујорк и ќе останат отворени за јавноста до 31 октомври.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата. 
             
 
             
                                     
                                    