Burcu Çalık Göçümlü
30 Ноември 2022•Ажурирај: 07 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Втората изложба на „Istanbul Photo Awards 2022“ се отвори вчера во турската престолнина Анкара, на која е претставена селекција на наградените фотографии од меѓународниот натпревар на Агенција Анадолија (АА) за новински фотографии.
На настанот што ќе трае до 19 декември, посетителите ќе можат преку фотографиите да се запознаат со човечките судбини од конфликтот во Авганистан, како и со овогодишните трки во Формула 1, митинзите во САД, угинувањето на птиците во иранските мочуришта и да погледнат во животот на децата на Тајланд и на мајките во Дагестан.
Заменик-министерката за култура и туризам на Туркије, Озѓул Озкан Јавуз, парагвајскиот амбасадор во Туркије, Чеферино Адријан Валдез Пералта, како и многу познати имиња од светот на фотографијата, присуствуваа на отворањето на изложбата во „Ада Анкара“. Домаќин е генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Агенција Анадолија, Сердар Караѓоз.
Говорејќи на церемонијата, Јавуз изјави: „Секогаш ја дефинирам Агенција Анадолија како архива и меморија на нашата земја. Таа прави многу добра работа низ целиот свет без да го загрози квалитетот.“
Караѓоз рече дека од своето основање во 1920 година, Агенција Анадолија отсекогаш придавала големо значење на моќта на фотографијата.
„Моментално имаме речиси 11 милиони фотографии на нашата платформа „Анадолу имиџес“. Соработуваме со многу агенции за дистрибуција на фотографии на глобално ниво, вклучувајќи ги „Гети имаџес“, „Ројтерс“ и АФП Форумот. Произведуваме во просек по 3.400 фотографии дневно“, рече Караѓоз.
„Istanbul Photo Awards“, која ја организираме од 2015 година, стана една од најпрестижните натпревари во светот на која учествуваат најважните меѓународни фотографи“, додаде Караѓоз.
„Како Агенција Анадолија, фотографијата и нејзината приказна ја гледаме како незаменлив елемент на вестите. Сакаме да ги поддржиме фоторепортерите кои ја вршат својата работа под секакви тешки услови“, рече Карагоз.
- Победници -
Фотографијата на фотографот на „Блумберг“, Константинос Цакалидис, насловена „Жената од Евија“ ја освои наградата „Фотографија на годината“ на „Istanbul Photo Awards 2022“, осмото издание на годишниот меѓународен натпревар за фотографија од големите настани низ светот во изминатата година.
Фотографијата на Цакалидис беше избрана меѓу над 16.000 пријавени фотографии од различни делови на светот.
Првата изложба на „Istanbul Photo Awards 2022“ беше отворена во турската метропола Истанбул во септември.
Агенција Анадолија својата трета изложба ќе ја отвори на 8 декември во седиштето на ОН во Њујорк.
Натпреварот оваа година е организиран со поддршка на „Канон“ (Canon), „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines (THY)) и Турската агенција за соработка и координација (TIKA). „Ада Анкара“ помогна во организирањето на изложбата во главниот град Анкара.
Фотографите своите апликации за „Istanbul Photo Awards 2023“ можат да ги испратат до 15 јануари. Пријавувањето е отворено претходно овој месец.
Детали за аплицирањето и победничките фотографии од минатите години може да се најдат на http://www.istanbulphotoawards.com/.