Aida Cako
20 Декември 2024•Ажурирај: 22 Декември 2024
КАИРО (АА) - Ал-Азхар, една од најстарите џамии во Каиро и значајно обележје на исламскиот свет, се наоѓа во историското подрачје на главниот град на Египет и претставува дел од листата на светско наследство на УНЕСКО, јавува Анадолу.
Изградена во период помеѓу 970 и 972 година за време на владеењето на Фатимидскиот калифат, оваа џамија станала не само место за молитва, туку и центар за учење кој и денес функционира како најстариот исламски универзитет во светот.
Со вековите, џамијата Ал-Азхар доживувала промени кои ги рефлектираат различните историски периоди и владеења во Египет.
Почетниот простор се состоел од голема сала за молитва со пет реда столбови и централно двориште со димензии од околу 85 метри должина и 69 метри ширина.
За време на мамелучкиот период (1250-1517) џамијата добила нови минариња и медреси, меѓу кои се истакнуваат Акбугха, Ал-Тејбарсија и Гаварија – украсени со мермер и купола со арабескни мотиви.
Во подоцнежниот османлиски период (1517-1867) комплексот се проширил двојно, додавајќи нови порти како Баб ал-Музајинин, кој денес е главен влез во џамијата.
Архитектурата на Ал-Азхар е сведоштво за долгата историја и еволуција на Каиро и Египет.
Во неа се преплетуваат различни стилови, од римски и грчки столбови до византиски мозаици.
Денешната џамија се истакнува со белото централно двориште, опкружено со аркада која ја комплетира нејзината симетрична форма.
Минарињата Кајтбај и Ал-Гури, завршени со двојна круна, се дел од раскошот кој ја красел џамијата низ вековите.
Посетата на Ал-Азхар е од суштинско значење за подобро разбирање на историската и културна врска помеѓу политиката, религијата и развојот на Египет.