„Ова е нашата музика“: Како сингели стана најгласниот глас на Танзанија
Меѓу тесните улички, продавниците за улична храна и бучавата на секојдневието, одекнуваат 'молскавично' брзите 'битови' на сингели – суров, енергичен и искрен израз на уличниот живот
ДАР ЕС САЛАМ (АА) – На само неколку чекори од 'рѓосаниот метален мост што ја обележува границата на квартот Тандале во Дар ес Салам, пулсира најжестокиот ритам на градот – звукот на сингели, домашниот музички жанр на Танзанија што денес го освојува светот, јавува Анадолу.
Меѓу тесните улички, продавниците за улична храна и бучавата на секојдневието, одекнуваат 'молскавично' брзите 'битови' на сингели – суров, енергичен и искрен израз на уличниот живот.
Децата боси танцуваат во правот, а постарите жени насмеани го следат ритамот.
Настанат во сиромашните делови на Дар ес Салам – Манзесе, Тандале и Мбурахати – музичкиот жанр сингели никогаш не бил создаден да звучи „совршено“.
Младите музичари, користејќи стари лаптопи, пиратски програми и искршени слушалки, создадоа музика што ја одразува нивната реалност – повеќе од 300 удари во минута, агресивни лупови и брзи стихови на свахилски јазик.
За многумина, сингели е бегство.
„Кога ќе почне сингели, ги заборавам сите проблеми“, вели 22-годишниот Саид Халфани, механичар од Манзесе.
„Заборавам на гладот, киријата – сè исчезнува за тие три минути“, додава тој.
- „Нема простор за тишина овде“ -
Меѓу првите пионери на жанрот се Селеман Џабил, познат како Мсага Суму, и Мухамед Хемед – Сисо. Тие започнале во импровизирани студија со дупнати покриви и чести прекини на струјата.
„Нема простор за тишина овде“, вели Суму, шегувајќи се дека неговото студио е толку мало што тој може да готви и да микса ритам без да се движи.
„Ако твојата музика не е гласна, ја заглушува животот.“
Црпејќи од традиционалните свахили ритми како „мчирику“ и „сегере“, раните песни од сингели добија популарност на уличните забави „кигодоро“ – каде што цели населби ги славеа венчавките или заедничките успеси под отворено небо.
Иако првично доминираа мажите, денес жените го носат најсилниот бран на сингели.
Една од нив е 22-годишната пејачка Рехема Таџири, позната како Таџири ва Сингели, која како самохрана мајка ја користи музиката за да раскаже приказни за жените од улицата.
Нејзината песна Mtoto wa Kike зборува за напуштена млада жена, а другите композиции се за семејно насилство и општествена неправда.
„Велеа дека овој жанр е премногу див за жените“, рече таа со потсмев. „Па, јас сум подива.“
„Текстовите зборуваат за нашите животи. Не секој сака да чуе за скршеното срце во Париз. Некои од нас само сакаат да го преживеат месецот“, раскажа таа за Анадолу.
Другата ѕвезда во подем, Јанг Дуда, порано продавала кикирики на автобуската станица во Убунго. Денес снима со позајмена опрема и самата ги промовира песните низ градот.
„Сингели ми даде микрофон. Сакам девојките да знаат – не ти треба ничија дозвола да бидеш гласна“, вели таа.
- Од маргините до мејнстримот -
Во своите почетоци, сингели беше третиран со недоверба – полицијата често ги прекинувала настапите, а текстовите за сиромаштија, секс и криминал биле сметани за „неморални“. Но денес, истиот тој ритам одекнува на државни паради, фестивали и телевизиски емисии.
Владата, со поддршка од УНЕСКО, започна иницијатива сингели да биде вклучен на листата на нематеријално културно наследство.
Жанрот веќе го преминува локалниот контекст – негови изведувачи настапуваат во Берлин, Париз и други европски градови.
„Оваа музика не е родена во елитни академии или климатизирани студија, туку во прашината на улиците на Дар ес Салам“, изјави Герсон Мсигва од Министерството за информации, култура, уметност и спорт на Танзанија.
„Сингели го носи ритамот на секојдневната борба и издржливост – тој е жив архив на духот на нашиот народ.“
И покрај зголеменото признание, уметниците остануваат внимателни во земјата каде што слободата на изразување има свои граници.
„Не ја чепкаме мечката“, вели Јанг Дуда.
„Зборуваме за сиромаштија и живот, но не и за политика.“
