Историската Османлиска чаршија во сириски Хомс, оштетена во војната, повторно заживува
- Чаршијата, сместена во центарот на Хомс и препознатлива по архитектурата изградена од црн базалт, по долгогодишните судири повторно ги оживува трговската активност и традиционалните занаети
Ömer Koparan
17 Јули 2026•Ажурирано: 17 Јули 2026
photo: Bakr Al Kasem / AA
ХОМС
Историската Османлиска покриена чаршија во сирискиот град Хомс, која беше значително оштетена за време на граѓанската војна, постепено го враќа својот некогашен сјај благодарение на реставраторските работи, пишува Анадолу.
Чаршијата, сместена во центарот на Хомс и препознатлива по архитектурата изградена од црн базалт, по долгогодишните судири повторно ги оживува трговската активност и традиционалните занаети.
Изградена во османлискиот период, со историја долга околу 400 до 500 години, чаршијата се смета за едно од најзначајните историски и трговски средишта на Хомс.
Со цел трговците и купувачите да бидат заштитени од неповолните временски услови, чаршијата е изградена со засводен и покриен кровен систем, што ѝ дава препознатлив архитектонски изглед.
Во централниот дел се наоѓа и историскиот амам „Осман-ага“, кој претставува едно од најзначајните обележја на ова подрачје.
Фотографија : Bakr Al Kasem/AA
И покрај големите разурнувања и бомбардирања во војната, историската чаршија успеа да опстане, а со реставрацијата повторно оживува.
Во Османлиската покриена чаршија повторно се негуваат традиционалните занаети, како обработка на бакар, железо, текстил, свиларство, изработка на облека, производство на конец и шиење знамиња, со што повторно се оживува историскиот идентитет на регионот.
- „Прошетав низ многу земји, но никаде не видов ваква архитектура и организација“ -
Хаџи Хеза Мухамед Абдулхамид ел-Џунди (68), еден од потомците на основачот на чаршијата Осман-ага ел-Џунди, за Анадолу изјави дека со гордост го следи повторното оживување на ова историско место каде што го минал детството.
Фотографија : Bakr Al Kasem/AA
Раскажувајќи дека е роден и израснат во маалото каде што живееле неговиот татко и дедовците, Ел-Џунди рече:
„Нашиот прадедо Осман-ага ел-Џунди го реализирал овој голем проект за да може жителите на Хомс на едно место да ги задоволат сите свои потреби. За луѓето да не мора да патуваат далеку, тој ги собрал менувачите на пари, трговците со ткаенини, продавачите на зеленчук и другите занаетчии и трговци во еден величествен трговски центар. Прошетав низ многу земји во светот, но никаде не видов архитектура и организација како оваа.“
- „Нашата чаршија повторно ги отвори вратите и го враќа својот стар дух“ -
Ел-Џунди истакна дека чаршијата претрпела огромни разурнувања за време на граѓанската војна, но опстанала благодарение на цврстата градба.
„Архитектурата на нашата чаршија успеа да опстане. Сега луѓето се враќаат во своите дуќани и домови, ги чистат и обновуваат. Нашата чаршија повторно ги отвори своите врати и постепено го враќа својот некогашен дух“, рече тој.
Историската Османлиска чаршија во сириски Хомс, оштетена во војната, повторно заживува