Darren Lyn
21 Август 2026•Ажурирано: 21 Август 2026
Аиша Вахаб доцна синоќа стана прва Американка со авганистанско потекло избрана во Конгресот на Соединетите Американски Држави откако беше прогласена за победничка на специјалните избори во вториот круг за пополнување на местото во 14. конгресен округ во Калифорнија, кое остана испразнето откако поранешниот американски конгресмен Ерик Сволвел поднесе оставка поради обвинувања за сексуален напад, јавува Анадолу.
Со преброени 100 отсто од гласачките ливчиња, Вахаб освои 53,1 отсто од гласовите, победувајќи ја противничката од Демократската партија, Мелиса Ернандез, која освои 46,9 отсто.
Вахаб, прва муслиманка и прва Американка со авганистанско потекло избрана во Сенатот на Калифорнија, се кандидираше со прогресивна демократска платформа што беше пропалестинска.
Нејзината противкандидатка Ернандез се кандидираше со произраелска платформа и доби значителен поттик во финансирањето на кампањата од Американско-израелскиот комитет за јавни работи (АИПАЦ), кој, според „Политико“, придонел со речиси 3 милиони долари за кампањата на Ернандез. Се додава дека од 4 милиони долари вложени во двете кампањи од јули, 3,7 милиони долари од финансирањето биле насочени кон Ернандез.
„Многу сум горда на овој округ, кој гледајќи ги милионите долари надворешни средства што се влеваат со лажна реторика, лажни наративи и лажни податоци, успеа да го согледа тоа и да гласа за мене“, изјави Вахаб во интервјуто за телевизиската станица Си-би-ес во Сан Франциско.
Ернандез за Си-би-ес изјави дека верува во своите шанси за реванш против Вахаб во ноември, со ново прецртаната конгресна мапа за 14. округ, која, како што рече, вклучува дополнителни 26.000 гласачи.
„Повторно ќе го придобијам Даблин, градот во кој бев градоначалничка, и ќе можам таму да придобијам илјадници дополнителни гласачи“, рече Ернандез.
„Нашиот тим заврши неверојатна работа за да го намали заостанувањето од 20 процентни поени. Мислам дека луѓето треба да го запомнат тоа.“
Реваншот меѓу Вахаб и Ернандез ќе се одржи на меѓуизборите на 3 ноември.