Saadet Firdevs Aparı
01 Јули 2022•Ажурирај: 01 Јули 2022
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја тврди дека епидемијата на Ковид-19 во земјата е пренесена со балони дојдени од границата со Јужна Кореја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во веста на севернокорејските државни медиуми се тврди дека епидемијата во земјата започнала кога граѓаните „допирале предмети од странство“, кои дошле од јужнокорејската граница.
Од граѓаните се бара да внимаваат на предметите што доаѓаат од областа каде што активисти летаат балони преку границата.
Државните медиуми на Северна Кореја соопштија дека 18-годишен војник и 5-годишно момче стапиле во контакт со „странски предмети“ во градот Ифо, во близина на границата со Јужна Кореја, во април, а потоа излегле позитивни на тестот за Ковид -19.
Центарот за превенција од епидемии издаде инструкции за итни случаи. Исто така, на властите им е наредено да бидат внимателни со „предметите од странство“ вдолж границата со Јужна Кореја.
Во инструкциите во кои не е прецизирано што се тоа „странски предмети“, се нагласува дека секој што ќе ги пронајде овие предмети, треба да ги извести надлежните за нивно отстранување.
Министерството за обединување на Јужна Кореја соопшти дека нема веројатност балони од Јужна Кореја да го пренесат вирусот во Северна Кореја.
Ча Дук Чул, портпарол на Министерството за обединување, рече дека најновите активности со летоците продолжуваат да се истражуваат.
Чул, исто така, нагласи дека јужнокорејските здравствени власти и експертите на Светската здравствена организација (СЗО) се согласуваат дека е речиси невозможно вирусот да се пренесе преку контакт со површината на предметите.