Zehra Nur Düz
03 Март 2020•Ажурирано: 05 Март 2020
АНКАРА (АА) - Новиот вид коронавирус продолжува да се шири и низ регионот на Блискиот Исток и Персискиот Залив, додека здравствените власти прават обиди да го сопрат неговото ширење, јавува Агенција Анадолија (АА).
- Иран: Бројот на починати од Ковид-19 се искачи на 77 лица -
Бројот на случаи со коронавирус се искачи на 27 во Ирак, 13 во Либан, 12 во Израел и седум во Катар.
„За пет ирачки државјани, што го посетиле Иран, се чекаат резултатите од лабораториските анализи за коронавирус“, се вели во соопштението на ирачкото Министерство за здравство.
Министерството за здравство на Либан соопшти дека тројца Либанци кои биле во контакт со пациентите што се во карантин се заразиле со вирусот.
Израелското Министерство за здравство, исто така, соопшти дека има нови случаи на коронавирус, односно дека на две лица им бил дијагностициран вирусот по патување во Италија.
Во четвртокот израелските власти воведоа забрана за влез на сите странски патници од Италија, каде што досега од вирусот починаа 52 лица.
Министерството за здравство на Катар објави дека бројот на заболени се искачил на седум, бидејќи на уште четири лица им бил дијагностициран вирусот, меѓу кои двајца се државјани на Катар кои биле евакуирани од Иран на 27 февруари и биле ставени во карантин.
Бројот на смртни случаи од новиот коронавирус Ковид-19 во светот достигна 3.116 лица, со над 90.000 заразени.
Светската здравствена организација (СЗО) го зголеми глобалниот степен на ризик од коронавирусот (Ковид-19) од „висок“ на „многу висок“.