Mahmut Atanur
01 Септември 2020•Ажурирај: 02 Септември 2020
ЏАКАРТА (АА) - Индонезија се подготвува од јануари следната година да ги користи потенцијалните вакцини за Ковид-19 развиени од кинеските компании, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Индонезија, Јоко Видодо, истакна дека потенцијалната вакцина која ќе ја купат од Кина и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), ќе почнат да ја користат во јануари.
Наведувајќи дека планирано е вакцинирање на 170 милиони луѓе во земјата, Видодо истакна дека ќе треба да се купат 340 милиони дози бидејќи секој ќе треба да се вакцинира по двапати.
Видодо изјави дека очекуваат вакцината против Ковид-19, на која работи државната фармацевтска компанија „Bio Farma“ да биде спремна за производство во средината на 2021 година.
Според експертите во земјата до крајот на годината се очекува вкупниот број на случаи да достигне 500.000.
Во Индонезија продолжуваат клиничките студии од 3-тата фаза на кандидат вакцината против Ковид-19, „CoronaVac“, развиена од кинеската фармацевтска компанија „Sinovoc Biotech“.
Од друга страна, друга кинеска компанија „Sinopharm“, во јули во Абу Даби, главниот град на ОАЕ, ги започна студиите за 3-та фаза на клиничко испитување на кандидатската вакцина против Ковид-19 која беше развиена во соработка со Институтот за вирологија во Вухан и Институтот за биолошки производи во Вухан.
Во Индонезија, каде вкупниот број на случаи на Ковид-19 достигна 174.796 лица, досега од вирусот починаа 7.417 лица, а оздравени се 125.959 лица.