Ayhan Şimşek
18 Август 2021•Ажурирај: 19 Август 2021
БЕРЛИН (АА) - Бројката на новозаразени на дневна основа во Германија е зголемена за повеќе од двојно во текот на една недела поради ширењето на делта-варијантата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“ објави дека се детектирани 8.324 нови случаи на Ковид-19, што е најголема бројка на инфицирани на дневна основа во изминатите 3 месеци. Здравствените институции вчера регистрираа 3.912 новозаразени, додека во понеделникот таа бројка изнесуваше 2.126.
Бројот на активни случаи во Германија е зголемен на 55.900, што е највисока бројка во актуелниот квартал на пандемијата.
Хамбург пријави најголема стапка од 74,5 заразеност на 100.000 жители, по кој следуваат Берлин со 69,2 и Северна Рајна-Вестфалија со 64,6 случаи на 100.000 жители.
И покрај растот на бројката на новозаразени со Ковид-19, хоспитализацијата и бројот на смртни случаи останаа релативно ниски, во споредба со претходните бранови на пандемијата.
Властите денес потврдија 22 смртни случаи поврзани со коронавирусот, додека 574 пациенти се лекуваат на одделенијата за интензивна нега.
Делта-варијантата претставува речиси 98 отсто од случаите на Ковид-19 во Германија, но се верува дека напредокот во вакцинацијата во голема мерка влијае на намалувањето на бројката на хоспитализирани.
Заклучно со вчерашниот ден, 52,8 милиони луѓе во Германија, односно 63,5 отсто од популацијата на земјата ја примиле најмалку првата доза од вакцината против коронавирусот, додека 57,8 отсто се целосно вакцинирани.