Ekip
04 Мај 2020•Ажурирај: 04 Мај 2020
БРИСЕЛ
Претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лејен изјави дека денешната конференција Глобален одговор на пандемијата на Ковид-19 би можела да биде пресвртница во борбата против ширењето на тој вирус во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓународната конференција Глобален одговор на пандемијата Ковид-19 е организирана од Европската комисија со цел да се соберат 7,5 милијарди евра (8 милијарди долари) за развој на лек и вакцина против коронавирусот.
Конференцијата е организирана во согласност со апелот на Светската здравствена организација (СЗО), а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им се обрати на учесниците со видео-порака, во која рече дека вакцината треба да биде во сопственост на целото човештво и дека Турција ќе го објави износот на својата донација до 23 мај.
Претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен изјави дека донираните пари треба да се сметаат за почетна инвестиција во третманот на коронавирусот кој треба да биде достапен за сите.
Вон дер Лејен заедно со претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел соопшти дека Европската унија од своите фондови ќе донира милијарда евра за развој на лек, терапија и вакцина против Ковид-19.
„Опсегот на нашите напори треба да биде во согласност со кризата со која светот е соочен“, изјави Мишел додавајќи дека пронаоѓањето на лекот против Ковид-19 е круцијално важен за Европа и за целиот свет.
Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека денешната конференција е момент на надеж каде лидерите можат да се фокусираат на вистинска мултилатерална соработка и надвор од пандемијата.
Францускиот претседател Емануел Макрон исто така зборуваше за важноста на напорите идната вакцина да биде достапна за сите во светот.
Германија 525 милиони евра (547 милиони долари), а Франција вети донација од 500 милиони евра (546 милиони долари) за потребите за развој на лек и вакцина против Ковид-19.
Меѓу учесниците на конференцијата од кои исто така се очекуваат донации за фондот за борба против пандемијата се и кинескиот премиер Ли Кеќанг, канадскиот премиер Џастин Трудо и јужноафриканскиот претседател, Сирил Рамафоса.