Kasım İleri
26 Април 2020•Ажурирај: 27 Април 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Ендрју Куомо, гувернерот на американската сојузна држава Њујорк, со посебен декрет ги овласти аптеките во таа држава да вршат тестирања за новиот вид коронавирус, Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Куомо на прес-конференција кажа дека бројот на заразени во Њујорк сè уште е висок, но дека е во опаѓање.
Нагласи дека во Њујорк ќе биде зголемен бројот на тестирања и дека го потпишал Декретот на гувернерот со кој се дава одобрување тестирањата за коронавирусот, освен во болниците, да можат да се вршат и во аптеките.
Куомо додаде дека отсега во Њујорк ќе биде можно тестирање во едни пошироки рамки, односно ќе бидат тестирани вработените во Итната помош, здравствените работници, возачите во јавниот превоз, додека претходно можеше да се тестираат само лицата кои имаа симптоми на коронавирусот.
Откри дека во Њујорк, според имунолошките тестови од примероци земени вчера од 3.000 лица, стапката на зараза изнесува 14 отсто.