Mustafa Melih Ahıshalı
26 Април 2020•Ажурирај: 26 Април 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани рече дека ќе се премине на имплементација на „бели“, „жолти“ и „црвени“ зони во врска со спроведувањето на социјалните ограничувања во рамките на борбата против новиот вид коронавирус, Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според иранската државна телевизија, претседателот Рохани на Националниот состанок за борба против коронавирусот, што се одржа во главниот град Техеран, направил проценки за епидемијата во земјата.
„Ограничувањата во борбата против Ковид-19 ќе бидат проценети според ризикот во регионот. На пример, ако во еден регион две последователни недели нема нов случај и нема смртен случај од коронавирусот, Министерството за здравство ќе може тој регион да го прогласи како бел. Другите региони ќе бидат класифицирани како жолти и црвени“, нагласи Рохани.
Истакнувајќи дека на ваков начин ќе се постапува и во однос на местата за богослужба кои се затворени извесен период, Рохани рече дека во регионите кои ќе бидат декларирани како бели ќе може да се одржува богослужба под услов да се одржува физичко растојание.
Ковид-19 за првпат во Иран беше откриен во градот Ком на 19 февруари, а потоа се рашири низ целата земја.
Заклучно со вчерашните податоци, од коронавирусот во Иран починаа 5.650, а бројот на заразени се искачи на 89.328.