Burak Bir
05 Јули 2023•Ажурирај: 06 Јули 2023
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија, Канада, Шведска и Украина го изведоа Иран пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) поради соборувањето на цивилниот авион во 2020 година, објави денес Високиот суд на Обединетите нации, јавува Анадолу.
„Во своето барање, Канада, Шведска, Украина и Обединетото Кралство тврдат дека Иран прекршил низа обврски од Монтреалската конвенција како резултат на соборувањето на цивилниот авион на 8 јануари 2020 година, летот PS752, на меѓународната авиокомпанија на Украина, од страна на воениот персонал на иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда“, се вели во соопштението на МСП.
Заедничкото барање за поведување постапка против Иран беше поднесено во вторникот, се додава во соопштението.
Сите 176 патници и членови на екипажот во авионот, многумина од нив државјани и жители на државите апликанти, загинаа во несреќата откако авионот беше соборен од Корпусот на Исламската револуционерна гарда на 8 јануари 2020 година.
Иранските власти ги отфрлија тврдењата дека украинскиот авион бил намерно соборен.
Инцидентот се случи пет дена откако највисокиот ирански воен командант Касем Сулејмани беше убиен во напад на американско беспилотно летало во Багдад.
Според земјите апликанти, Иран „не ги презел сите практични мерки за да спречи незаконско и намерно извршување прекршок опишан во член 1 од Монтреалската конвенција, вклучително и уништувањето на летот PS752“.
„Подоцна, исто така, не успеа да спроведе непристрасна, транспарентна и правична кривична истрага и гонење во согласност со меѓународното право“, додаваат тие.
Во заедничката изјава четирите земји истакнуваат дека Техеран не одговорил на нивното барање за арбитража, пратено на 28 декември 2022 година.
„Како резултат на тоа, оваа недела во Хаг заедно поднесовме барање до Меѓународниот суд на правдата, поведувајќи постапка против Иран во врска со неговото прекршување на Конвенцијата за сузбивање на незаконските акти против безбедноста на цивилното воздухопловство од 1971 година.“
Се додава дека активностите на Иран во врска со соборувањето на авионот „значат прекршување на меѓународните правни обврски на Иран, за што Иран мора да преземе целосна одговорност“.
„Денешните правни дејства ја одразуваат нашата непоколеблива посветеност за постигнување транспарентност, правда и одговорност за семејствата на жртвите“, се вели во заедничката изјава.