свет, Коронавирус

Виролози: „Омикронот може да помогне да се изгради колективен имунитет“

Виролозите велат дека колективниот имунитет ќе влијае на текот на пандемијата, и дека варијантата Омикрон обезбедува релативно висок имунитет против други варијанти, како што е Делта

Murat Özgür Güvendik  | 14.01.2022 - Обновена : 17.01.2022
Виролози: „Омикронот може да помогне да се изгради колективен имунитет“

ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - Омикрон-варијантата на коронавирусот може да помогне да се изгради колективен имунитет во општествата поради својата висока преносливост, велат виролозите од Јужна Африка, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Со поблаги симптоми и пониски стапки на смртност, Омикронот се разликува од другите видови“, се вели во научните податоци собрани во период од 50 дена откако варијантата беше откриена во Јужноафриканската Република и Боцвана.

Герт Ван Зил, професорот на Катедрата за медицинска вирологија на Универзитетот „Стеленбош“, за АА изјави дека Омикронот е помалку смртоносен од другите варијанти, бидејќи предизвикува поблаги симптоми.

„Поради неговата висока преносливост, може да помогне во градењето на колективен имунитет, како што тоа беше забележано кај луѓето кои претходно закрепнале од коронавирусот, како и кај оние кои биле вакцинирани“, рече Зил.

Истакнувајќи дека колективниот имунитет исто така ќе влијае на текот на пандемијата, тој рече дека Омикрон обезбедува релативно висок имунитет против други варијанти, како што е Делта.

„Иако е нереално да се мисли дека Омикрон ќе биде последната варијанта што ќе се појави во пандемијата, таа може да се претвори во ендемичен модел“, нагласи тој.

Болеста се смета за ендемична кога редовно се наоѓа кај одредени популации или во одредена географска област.

Истакнувајќи дека вирусот ќе продолжи да се шири на долг рок, тој ја истакна важноста од заштита на лицата со висок ризик, како што е постарата популација.

Во врска со ограничувањата за патување, тој рече дека првичните одговори и карантини се за заштита на здравствените услуги на земјите.

„Треба да се фокусираме на она што е остварливо и да спасуваме животи“, рече тој, предупредувајќи да не се користат „стари алатки за нов проблем, бидејќи работите се менуваат“.

Вики Лин Бејли, научник во Истражувачката единица за вакцини и заразни болести (ВИДА) на Универзитетот во Витвотерсранд, рече дека Омикронот не е јужноафриканска варијанта и дека е пронајден речиси низ целиот свет.

„Тој е неверојатно пренослив и толку многу луѓе се заразуваат... Треба да го достигнеме колективниот имунитет“, рече Бејли, предупредувајќи дека оваа варијанта може да има сериозни последици кај луѓето кои претходно не биле вакцинирани.

Истакнувајќи дека ова е „најлошата варијанта“ што се појавила, таа рече дека може да се изгуби целиот напредок доколку се појави друга варијанта.

Во врска со ограничувањата, рече дека тие нема да направат никаква разлика, бидејќи е многу тешко да се „заклучат“ земјите.

Според податоците на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во САД, од декември 2019 година, пандемијата на коронавирусот одзеде над 5,51 милион животи во најмалку 192 земји и региони, а повеќе од 318,7 милиони случаи на вирусот се пријавени низ светот.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.