Adem Şalvarcıoğlu
26 Јуни 2016•Ажурирај: 27 Јуни 2016
ЏАКАРТА (АА) - Додека милиони луѓе овие денови уживаат во разни фудбалски натпревари, меѓу кои ЕУРО 2016 и "Copa America", Индонезијците имаат поинакво разбирање на „најважната споредна работа на светот”, јавува Anadolu Agency (AA).
Всушност, фудбалот со запален кокосов орев е една несекојдневна традиција која ја практикуваат муслиманите во индонезискиот регион на Западна Јава. Како странската, така и домашната публика секогаш е видно изненадена од овој начин на игра.
Овој индонезиски регион е познат по своите специфични манифестации со кои тамошните муслимани го одбележуваат Рамазан, а една од тие традиции е секако играњето фудбал со „запалена топка”. Овој фудбалски натпревар се игра во периодот од теравија намазот па сè до сехурот.
„Фудбалерите” не користат чевли ниту било каква заштитна опрема, додека пак голманот не користи ракавици.

Куат Ахмед рече дека „огнениот фудбал” е многу интересен и забавен.
„Ние сакаме да ја играме оваа традиционална игра. Толку сме фокусирани во текот на играта што не чувствуваме болка”, рече Ахмед.
Некогаш одамна индонезијските борци ја играле оваа игра за да бидат силни и отпорни. Веќе 50 години во текот на месец Рамазан Индонезијците го освежуваат сеќавањето на, како што ја нарекуваат, витешката игра. Огнот симболично ги потсетува на пеколот и дава мотив што подобро да ја искористиме Божјата милост во текот на рамазан, сметаат тие.